Трите македонски претставници во Конференциската лига денеска ги играат реванш натпреварите.
Први ќе истрчаат фудбалерите на Работнички, кои од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го пречекаат белорускиот тим Торпедо БелАЗ. Белорусите во Скопје допатуваа со огромна предност од 3:0 од првиот натпревар, па на „Романтичарите“ им останува да се обидат ако ништо друго барем да го обелат образот. Тврдат дека на првиот натпревар не биле толку лоши колку што вели резултатот и дека денеска ќе се обидат дури и да ја анулираат големата негатива.
„Сега имаме комплетна слика за ривалот и се надеваме дека ќе одиграме многу подобро отколку на првиот меч. Нема да размислуваме за резултатот, не заслуживме таков пораз, ќе се фокусираме на играта и ќе се трудиме да бидеме многу поконкретни. Верувам дека тимот ќе биде на потребното ниво и апсолутно не се предаваме, има уште 90 минути во кои Работнички има што да покаже, со мотив да ја анулираме негативата“, рече тренерот Бојан Маркоски.
Во фудбалот сѐ е можно, па зошто да не и победа на Работнички од три или повеќе разлика. Победникот во второто коло ќе игра против Макаби Хаифа од Израел.
Националната арена „Тодор Проески“, Скопје
Работнички - Торпедо БелАЗ
Судија: Јон Орлик (Молдавија)
Почеток: 18:00 ч.
Карти: на билетара и онлајн на МКТикетс
Еден час подоцна на терените на ФФМ во Ново Лисиче својот натпревар ќе го одигра и Силекс. Кратовци загубија со 2:0 на гостувањето кај црногорскиот тим Дечиќ, резултат кој е незгоден, но дава право и на надеж. Силекс не беше во подредена улога на првиот меч, а вториот гол го прими откако остана со играч помалку.
„Имаме негативен резултат од првиот натпревар, но сметам дека можеме да се пласираме во следната рунда. Имаме и квалитетен тим, тоа го покажавме и во ланското првенство кога остваривме неколку победи од 3-4 разлика. Најважно е да бидеме трпеливи и така може да стигнеме до посакуваниот триумф. Ќе биде потребно добро да играме на прекините, тоа е една од шансите за позитивен резултат“, смета стратегот Александар Васоски.
Ако мисијата на Силекс успее, во следното коло ќе го чека дуел со австрискиот гигант Рапид од Виена.
Тренинг центар „Петар Милошевски“, Скопје
Силекс - Дечиќ
Судија: Виктар Шимусик (Белорусија)
Почеток: 19:00 ч.
Карти: пред стадион
Последни ќе истрчаат фудбалерите на Вардар кои на првиот меч во Скопје практично си ја завршија работата победувајќи со убедливи 3:0 против Ла Фјорита од Сан Марино. Вардарци се во Римини од понеделникот, а вечерва треба да се заложат за нова победа заради клупскиот УЕФА коефициент кој е важен за во иднина. Треба да се случи чудо за санмаринскиот претставник да ја елиминира високата предност на скопската гордост, а Вардар треба да се погрижи тоа да не се случи. Ако сѐ оди според планот, Вардар во следното коло го чека двобој со швајцарска Лозана.
„Уште по завршувањето на првиот меч им кажав на играчите дека нема опуштање. Гледаме какви екипи испаѓаат од Европа. Да покажеме дека сме дојдени тука за да поминеме понатаму. Резултатот од 3:0 не смее да нѐ залажува. Имаме проблеми, Најдовски, Фостин, Талевски се повредени. Некои играчи прв пат играат вакви натпревари. Нема да потцениме никого, напротив, очекувам да го засилиме темпото и да одиграме уште подобро. Резултатот од 3:0 го оставаме зад себе, го забораваме и така ќе влеземе во натпреварот“, рече тренерот Гоце Седлоски.
Стадион „Сан Марино“, Серавале
Ла Фјорита - Вардар
Судија: Арон Вин Џонс (Велс)
Почеток: 21:00 ч.
ТВ пренос: titani.tv