Бразилскиот фудбалер Винисиус Жуниор, кој беше мета на голем скандал на дуелот од Лигата на шампионите помеѓу Бенфика и Реал Мадрид, се огласи по натпреварот во кој му донесе триумф на својот тим.
Винисиус го постигна единствениот гол во победата на Реал Мадрид против Бенфика на гости во плејофот од Лигата на шампионите, а натпреварот потоа беше прекинат поради наводен расистички скандал.
Иако на почетокот се чинеше дека навредите доаѓаат од трибините, по натпреварот играчите на Реал Мадрид открија дека играчот на Бенфика, Џанлука Престиани, всушност го навредил Винисиус на расна основа.
Бразилскиот фудбалер се огласи на социјалните мрежи со жестока изјава во која ги критикуваше и играчите кои упатуваат расистички навреди и оние кои треба да ги казнат.
„Расистите се, пред сè, кукавици. Тие мора да ги стават маиците преку уста за да покажат колку се слаби. Но, тие имаат заштита од други на своја страна кои, теоретски, се должни да казнуваат“, напиша Винисиус на социјалните мрежи, критикувајќи ги и судиите и УЕФА.
„Ништо што се случи денес не треба да се толерира во мојот живот или во животот на моето семејство. Не сакам да се ставам себеси на прво место во овие ситуации, особено по голема победа кога насловите треба да бидат за Реал Мадрид, но ова е неопходно“, додаде тој.
Винисиус истрча кај судијата Франсоа Летексје и му рече, откако му беше покажан жолт картон за прославата на голот, дека Аргентинецот го нарекол „моно“, што на шпански значи мајмун.
Потоа во знак на револт излезе од теренот и седна на гостинската клупа одбивајќи да ја продолжи играта. Следуваше прекин во кој дури и Жозе Мурињо го убедуваше Вини да се врати во игра. По околу 7-8 минути, натпреварот конечно продолжи, со Винисиус на терен од едната, а Престиани од другата страна.
„Одвратно е. Она што се случи вечерва е срам за фудбалот. Ја уништи вечерта за тимот“, рече Трент Александер-Арнолд од Реал, додека Килјан Мбапе побара Престиани да биде суспендиран.
Што и да му кажал Престиани на Винисиус, веројатно нема да биде казнет бидејќи нема доказ за обвинувањата на Бразилецот.
За случката се обрати и Аргентинецот кој рече: „Во ниту еден момент не упатив расистички забелешки кон Винисиус, кој за жал погрешно го протолкува она што мислеше дека го слушнал. Никогаш не сум бил расист и ми е жал за заканите што ги добив од играчите на Реал Мадрид.“