Додека ЛА Лејкерс губат со 1-0 во полуфиналето на Западната конференција против Оклахома Сити Тандер, нивната најголема ѕвезда Лука Дончиќ сè уште е надвор од теренот.
Пет недели откако се повреди, за што лекарите предвидоа дека ќе му бидат потребни осум недели за да се опорави, Дончиќ сè уште не започнал со контактен тренинг. Во средата, тој разговараше со новинарите за прв пат откако со куцање излезе од теренот во Оклахома Сити на 2 април, пишува Los Angeles Times.
Дончиќ призна дека му е исклучително тешко да ги гледа своите соиграчи од клупата, особено во клучен дел од сезоната. За време на натпреварите од плејофот, тој навива и ја презема улогата на советник, обидувајќи се да им помогне на своите соиграчи колку што е можно повеќе. Успехот на Лејкерси без негова помош ќе одреди дали ќе играат повторно оваа сезона.
„Многу е фрустрирачки. Не мислам дека луѓето сфаќаат колку многу. Јас само сакам да играм кошарка, особено во ова време од годината. Ова е најдоброто време за кошарка“, рече Дончиќ. „Многу е тешко да гледам како мојот тим се мачи, но сум исклучително горд на нив. Тешко е само да седам и да ги гледам.“
Словенечкиот кошаркар откри дека се опоравил доволно за да трча, но сè уште чека зелено светло за да започне со контактни вежби. Тој нагласи дека ова извиткување од втор степен е посериозно од сè што доживеал досега.
„Правам сè што можам. Секој ден правам сè што ми е потребно. Закрепнувањето е во тек, го правам ден по ден и секој ден се чувствувам подобро“, рече тој.
Со надеж дека ќе го забрза закрепнувањето, Дончиќ отпатува во Шпанија кратко време по повредата, каде што прими инјекции со плазма богата со тромбоцити. Тој остана таму околу две недели, прими вкупно четири инјекции.
Повредата се случи во, како што самиот рече, „најлошиот можен момент“.
Лејкерс одиграа брилијантно во март, со скор од 15-2 и се етаблираа како еден од главните кандидати за титулата со напаѓачкото трио Дончиќ, Остин Ривс и Леброн Џејмс.
Дончиќ беше прогласен за играч на месецот во Западната конференција за неговите извонредни настапи во март, за време на кои постигна повеќе од 600 поени, подвиг што претходно го постигна само Мајкл Џордан во историјата на НБА.
Без својот водечки стрелец, Лејкерс се мачеа во шест натпревари во првото коло од плејофот против Хјустон Рокетс, а во четири од тие натпревари беа и без Остин Ривс, кој се повреди во истиот натпревар.
Лејкерс го загубија првиот натпревар од полуфиналето од бранителот на титулата Тандер со 108-90 во вторник. Иако Ривс се врати на теренот побрзо од очекуваното, клубот не сака да врши притисок врз Дончиќ.
Дончиќ е свесен дека не смее да брза, учејќи од минатите искуства.
„Тешко е бидејќи во минатото се враќав прерано од повреди и тоа не испадна добро“, рече тој, потсетувајќи се на проблемите со листот што го мачеа минатата сезона пред да се приклучи на Лејкерси.
„Ова е прв пат да имам ваква повреда на тетивата. Не е како другите. Мора да се биде многу внимателен и правам сè што можам за да се вратам, закрепнување, комора, ледени бањи. Но, очигледно ова е сосема различно од претходните повреди“, заклучи Словенецот, кој во регуларната сезона имаше просек од 33,5 поени (најдобар стрелец во НБА), 7,7 скока и 8,3 асистенции по натпревар.