Легендарниот дрес што Мајкл Џордан го носеше за време на третиот натпревар од финалето на НБА во 1998 година против Јута Џез, е продаден на аукција за неверојатни 12,26 милиони долари.
Овој дел од спортската историја официјално стана најскапиот кошаркарски дрес некогаш продаден.
Станува збор за култниот бел дрес на Чикаго Булс со бројот 23, кој Air Mike го носеше на 7 јуни 1998 година во United Center во Чикаго.
Таа вечер, Булс целосно го декласираа тимот на Јута Џез со резултат 96–54, преземајќи водство од 2–1 во финалната серија. Тимот од Чикаго на крајот ја доби серијата со 4–2, обезбедувајќи му на Џордан шестиот – и последен – шампионски прстен во кариерата.
Продажбата беше спроведена преку аукциската платформа JOOPITER, основана од познатиот музичар Фарел Вилијамс. Интересно е што беше примена само една обврзувачка понуда за овој историски артефакт.
Почетната цена изнесуваше 10 милиони долари, но со дополнителната премија за купувачот од 2,26 милиони долари, вкупната цена ја достигна конечната, рекордна сума.
Ова ги потврди проценките на експертите од аукциската куќа, кои го проценија дресот во опсег од 10 до 15 милиони долари.
Michael Jordan 'The Last Dance' Game Worn 1998 NBA Finals Game 3 Jersey has broken the world auction record for an NBA Game-Worn jersey.
— JOOPITER (@joopiteronline) September 30, 2026
A defining relic from one of sport’s most enduring legacies sets a new benchmark. pic.twitter.com/TnzXxHjNYw
Со оваа сума, Џордан всушност ги надмина сопствените претходни рекорди. Претходниот рекорд исто така беше во негова сопственост – црвениот дрес од првиот натпревар на истото финале беше продаден во 2022 година за нешто повеќе од 10 милиони долари.
Третиот натпревар од таа финална серија остана запаметен по една од најубедливите победи во историјата на финалињата на НБА. Победата на Булс со разлика од 42 поени беше нереална, а 54-те поени на Јута претставуваа тогашен неславен рекорд за најмал број постигнати поени од еден тим во финале.
Џордан забележа 24 поени, три скока, две асистенции, една украдена топка и една блокада за 32 минути поминати на теренот. Победникот беше одлучен многу пред последниот звучен сигнал, па на Џордан дури и не му беше потребно да игра во четвртата четвртина.
Она што го прави овој дрес особено вреден е фактот дека, според JOPITER, тој е единствениот јавно познат бел дрес на Џордан од победата на „Булс“ во финалето во 1998 година што некогаш се појавил на пазарот. На градите го има препознатливиот знак „NBA Finals 1998“, а неговата автентичност е загарантирана со сертификатот од MeiGray и со строга документација за потеклото.
Претходниот сопственик, американскиот колекционер Роб Гоф, го опиша својот однос кон ваквите предмети пред крајот на аукцијата.
„Секогаш сум сметал дека кога поседувам вакви предмети, јас сум само чувар на дел од историјата“, изјави Гоф.
Иако Џордан постави нов стандард во кошарката, сепак не го собори апсолутниот рекорд во светот на спортот.
Најскапиот спортски дрес на сите времиња му припаѓаше на бејзбол-легендата Бејб Рут. Неговиот дрес од Њујорк Јенкис од Светската серија во 1932 година неодамна беше продаден за неверојатни 24,12 милиони долари, со што дресот на Џордан од „Последниот танц“ падна на второто место на оваа престижна листа на сите времиња.