Плејофот на Лос Анџелес Лејкерс речиси сигурно започнува без двајца клучни играчи, а најголемото прашање останува кога точно Лука Дончиќ ќе се врати на теренот.
Според последните информации, се очекува Дончиќ оваа недела да се врати во Лос Анџелес по престојот во Шпанија, каде што беше подложен на интензивна терапија за повреда на тетивата, а по пристигнувањето треба да помине дополнителни прегледи, по што ќе биде појасно дали може да му помогне на тимот во првото коло.
Како што објави доверливиот НБА новинар Шамс Чаранија, се очекува и Лука Дончиќ и Остин Ривс да го пропуштат почетокот на серијата. Словенечкиот плејмејкер прима повеќекратни инјекции и специјализирани третмани во Европа за да се забрза неговото закрепнување, но неговиот статус за првите натпревари останува неизвесен.
Од друга страна, ситуацијата со Ривс е уште појасна и помалку поволна за Лејкерс, бидејќи неговото враќање не се очекува до почетокот на мај, што значи дека речиси сигурно ќе го пропушти поголемиот дел од првото коло против Хјустон Рокитс.
Лејкерс влегуваат во плејофот со скор од 53 победи и 29 порази, што им го донесе четвртото место на Западот и предност на домашен терен против тимот од Тексас, но и без двајца од нивните главни бекови, поради што односот на силите во оваа серија значително се промени.
Ова дополнително го зголемува притисокот врз Леброн Џејмс, кој ќе мора да го понесе најголемиот дел од товарот во воведните натпревари против исклучително талентираниот и квалитетен противник.
Серијата помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Хјустон Рокитс започнува на 18 април во Лос Анџелес, а дотогаш сите очи ќе бидат вперени во медицинскиот билтен и одлуката на лекарите во врска со враќањето на Дончиќ.
THE BRACKET IS SET 🍿 pic.twitter.com/bqSnxeDnzv
— NBA (@NBA) April 13, 2026