
Мајкл Џордан, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња и шесткратен шампион на НБА со Чикаго Булс, од следната сезона ќе биде стручен коментатор на натпреварите на американската телевизија NBC, која по 23 години ги откупи правата за емитување на натпреварите во најдобрата кошаркарска лига во светот, објавија бројни американски медиуми.
Џордан, кој работеше во НБА како играч (Чикаго Булс, Вашингтон Визардс) и ко-сопственик (Шарлот Хорнетс), за прв пат ќе се обиде во улогата на експертски коментатор.
„Емитувањето на НБА натпреварите на NBC беше важен дел од мојата кариера, па затоа се радувам на посебната улога што ќе ја играм во овој проект“, рече 62-годишната спортска икона.
NBC ги купи правата за емитување за следните 11 години и ги имаше во текот на 1990-тите, кога Џордан беше на врвот на својата кариера и освои три последователни шампионски титули во НБА со Чикаго Булс во два наврати.