19-годишниот Купер Флег, руки на Далас Маверикс, сè повеќе го оправдува епитетот наследник на Лука Дончиќ по уште еден спектакуларен настап во НБА.
Откако постигна 51 поен против Орландо Меџик и стана најмладиот играч во историјата на НБА што постигнал 50 поени (и првиот тинејџер што го сторил тоа), Флег се истакна следната вечер против Лос Анџелес Лејкерс. Овој пат постигна 45 поени и го предводеше Далас до победа на домашен терен од 134:128, прекинувајќи ја серијата од 14 порази дома, најдолгата во последните 32 години.
Младиот Американец имаше и 9 асистенции и 8 скокови, а неговата изведба го стави во друштвото на великаните. Стана првиот руки по Ален Ајверсон во сезоната 1996/1997 што имал два последователни натпревари со најмалку 40 поени. Тоа беше и неговиот четврти натпревар со 40+ поени како тинејџер, надминувајќи го Леброн Џејмс, кој има три такви настапи.
Во последните два натпревара Флег постигна вкупно 96 поени, најмногу од руки по Вилт Чејмбрлејн. Стана и првиот играч по Карим Абдул-Џабар што имал повеќе натпревари со 45 поени во еден месец.
COOPER FLAGG ERUPTED AGAIN ‼️
— NBA (@NBA) April 6, 2026
TONIGHT: 45 PTS, 8 REB, 9 AST, 2 STL
FRIDAY: 51 PTS, 6 REB, 3 STL
HE'S NOW THE YOUNGEST PLAYER (19 YEARS, 105 DAYS) IN NBA HISTORY TO RECORD 45+ PTS IN BACK-TO-BACK GAMES 🤯 pic.twitter.com/Tdt1JYviCv
Од овој натпревар доаѓа особено интересна информација, бидејќи тоа беше прв пат во историјата на НБА руки и 40-годишник да постигнат повеќе од 30 поени во ист натпревар. Леброн Џејмс беше ѕвездата за Лејкерс, постигнувајќи 30 поени, 9 скокови и 15 асистенции, заменувајќи ги повредените Лука Дончиќ и Остин Ривс.
Џејмс беше особено доминантен во втората четвртина кога постигна 16 поени и им помагна на Лејкерс да го преполоват големиот дефицит. Сепак, ослабениот тим од Лос Анџелес не беше во можност да го сврти резултатот против еден од најслабите тимови во лигата сезонава.
Флег имаше поддршка од ПиЏеј Вошингтон со 15 поени и 6 скокови, како и од Наџи Маршал кој додаде 13 поени, 6 скокови и 7 асистенции. Џексон Хејс се истакна за Лејкерс со 23 поени, додека Лук Кенард го запиша својот прв трипл-дабл во кариерата (15 поени, 16 скокови и 11 асистенции).
Со овој пораз, Лејкерс влегуваат во неизвесен крај на регуларната сезона, каде што ќе мора да се борат за третото место во Западната конференција против Денвер Нагетс и Хјустон Рокитс.
Резултати:
Бостон Селтикс - Торонто Репторс 115:101
Бруклин Нетс - Вашингтон Визардс 121:115
Чикаго Булс - Финикс Санс 110:120
Милвоки Бакс - Мемфис Гризлис 131:115
Кливленд Кавалирс - Индијана Пејсерс 117:108
Минесота Тимбервулвс - Шарлот Хорнетс 108:122
Њу Орлеанс Пеликанс - Орландо Меџик 108:112
Оклахома Сити Тандер- Јута Џез 146:111
Далас Маверикс - Лос АнџелесЛејкерс 134:128
Сакраменто Кингс - Лос АнџелесКлиперс 109:138
Голден Стејт Вориорс - Хјустон Рокитс 116:117
Табела: