Оклахома Сити Тандер ја продолжи својата совршена серија во овогодинешниот НБА плејоф со доминантна победа од 131:108 на гостински терен над Лос Анџелес Лејкерс во третиот натпревар од второто коло на Западната конференција.
Тандер ја забележаа и седмата последователна победа во плејофот (7-0), доведувајќи ги Лејкерс на работ на елиминација. Во саботата навечер, х факторот на натпреварот беше Аџеј Мичел, кој одигра плејоф натпревар на кариерата со 24 поени и 10 асистенции.
Првата ѕвезда на тимот, Шеј Гилџс-Александер, додаде 23 поени и 9 асистенции, и покрај тоа што промаши 9 од своите први 11 шутеви поради силниот дефанзивен притисок од Лејкерс.
Чет Холмгрен исто така придонесе со 18 поени и 9 скокови, доминирајќи во рекетот во клучните моменти.
Исто како и во претходниот дуел, Лејкерс се држеа храбро во текот на првото полувреме. Предводени од одличниот Руи Хачимура, кој го заврши натпреварот со 21 поен, домаќините дури имаа и мала предност пред паузата. Сепак, третата четвртина донесе целосен колапс на системот во редовите на Лејкерс.
Тандер префрли во друга брзина, декласирајќи ги домаќините во третата четвртина со 33:20.
Леброн Џејмс (19 поени, 8 асистенции, 6 скокови) и Остин Ривс (17 поени, 9 асистенции) се обидоа да го следат темпото, но двајцата имаа големи проблеми со реализацијата, шутирајќи вкупно 12 од 32 од поле.
Лук Кенард исто така имаше добра улога од клупата со 18 поени, но тоа не беше доволно против моќната машинерија од Оклахома.
Треба да се напомене дека двата тима играат без клучни играчи. Лејкерс сè уште се без најдобриот стрелец во лигата, Лука Дончиќ, кој го пропушти 14-тиот натпревар по ред поради повреда на задниот вкрстен лигамент, а неговото враќање не е на повидок во скоро време. Од друга страна, третиот стрелец на Тандер, Џејлен Вилијамс, веќе петти натпревар како паузира.
Четвртиот натпревар, во кој Лејкерс ќе се обидат да ја спасат својата чест и да ја избегнат метлата, е закажан за понеделник вечер во Лос Анџелес, односно во вторник утрината во 4:30 часот по македонско време.
Во другиот меч одигран синоќа Кливленд Кавалирс го совлада Детроит Пистонс со 116:109 и намали на 2-1 во серијата.