Оклахома Сити Тандер го одбрани домашниот терен од Минесота Тимбервулвс во првите два натпревара од финалната серија на Западната конференција. Тандер вториот меч ноќеска го добија со 118:103.

Освен три пати, домашната екипа цело време имаше предност. Минесота последен пат водеше со 37:36 на почетокот од втората четвртина, а остатокот од натпреварот помина во апсолутна контрола на Оклахома.
Домашните имаа „само“ 8 поени предност (58:50) на полувремето, но потоа го засилија ритамот во вториот дел, па на крајот од третата четвртина го решија прашањето околу конечниот победник. Оклахома стекна голема предност од 22 поена (93:71).
МВП-то на НБА, Шеј Гилџс-Александер, блескаше со 38 поени, 3 скока и 8 асистенции. Кај победниците се истакнаа и Џејлен Вилијамс со дабл-дабл од 26 поени и 10 скокови, а Чет Холмгрен постигна 22 поена.
Кај Минесота подобри од другите беа Ентони Едвардс со 32 поена, 9 скокови и 6 асистенции, Џејден МекДениелс со 22 поена, Никеил Александер-Вокер со 17 и Наз Рид со 10 поени.
Третиот натпревар од серијата ќе се игра во „Таргет Сентр“ арената во Минеаполис, ноќта помеѓу сабота и недела од 2:30 часот.