Комесарката на ВНБА, Кети Енгелберт, им се обрати на клубовите во врска со растечката дебата за учеството на трансродовите спортисти во женската кошарка. Темата повторно се актуелизираше откако поранешните НБА играчи Енес Кантер Фридом и Ројс Вајт ја објавија својата намера да се пријават за ВНБА драфтот, тврдејќи дека имаат право да играат во женската лига.
Нивниот потег предизвика реакции во спортските кругови низ целиот свет. Откако Женската кошаркарска асоцијација на ВНБА се огласи, и комесарката на лигата одлучи да го искаже своето мислење. Во меморандум испратен до клубовите во петокот, Енгелберт изјави дека е свесна за интересот на јавноста за ова прашање. Документот го објавија АР и ESPN.
„Свесна сум дека многумина од вас добиваат прашања за учеството на трансродовите спортисти во женската кошарка во текот на изминатите неколку недели и очекувам оваа тема да продолжи да привлекува големо внимание“, рече Енгелберт.
Комесарката додаде дека сака директно да разговара со претставниците на клубовите за да го објасни пристапот на лигата кон ова прашање, но и да им се заблагодари на сите што дејствувале одговорно и професионално за време на медиумските настапи. Дебатата доби дополнителен интензитет во петокот, кога Кантер Фридом и Вајт јавно се изјаснија за кандидатки за драфтот на ВНБА, наведувајќи дека се идентификуваат како жени.
Енгелберт рече дека лигата не сака да извлекува заклучоци без да разговара со сите засегнати страни.
„Свесни сме дека ова е многу сложено и нијансирано прашање. Ќе продолжиме да разговараме за ова со вас, како и со Здружението на играчи во текот на наредните недели и месеци“, рече комесарката.
Најави и дополнителни состаноци и сесии каде што клупските лидери би можеле да ги презентираат своите ставови и предлози.
„Вашите мислења и повратни информации се исклучително важни. Благодарна сум на сите што досега ни се обратија и ги споделија своите ставови“, заклучи Енгелберт.
Во меѓувреме, неколку ВНБА играчи и тренери јавно изразија поддршка за вклучување на трансродовите спортисти во спортот, вклучувајќи го центарот на Сиетл Сторм, Стефани Долсон, и тренерот на Минесота Линкс, Шерил Рив.
„Треба да ги заштитиме трансродовите деца. За мене, ова е прашање на човекови права. Секое дете има право да спортува“, рече Рив.
Судејќи според најновите реакции, темата би можела да биде една од најзастапените во јавните дискусии за иднината на ВНБА лигата во наредниот период.
Проблемот е што во други спортови се докажа дека трансродовите лица лесно доминираат во женска конкуренција, што покрена дебата дека веројатно не им е местото таму. Поради тоа, во март годинава трансродовите спортисти добија забрана за учество на Олимписките игри.