Следната година ќе се одржи првото издание на Подобрени игри, контроверзно спортско натпреварување наречено и „допинг Олимпијада“ бидејќи спортистите ќе се натпреваруваат користејќи разни допинг агенси.
Проектот доби поддршка и од Доналд Трамп, имено од неговото семејство. Синот на американскиот претседател, Доналд Трамп Џуниор, преку неговата фондација финансиски го поддржа натпреварувањето, кое ќе се одржи во Лас Вегас следната година.
Ова контроверзно натпреварување ќе се одржи во наменски изграден комплекс во рамките на хотелот „Resorts World“ во Лас Вегас во текот на мај 2026 година.
На спортистите ќе им биде дозволено да користат допинг за подобрување на перформансите, а победниците ќе добијат 250.000 евра, со бонус од 1 милион долари за секој што ќе сруши светски рекорд.
Основач и организатор е Арон Д'Соуза, австралиски претприемач со адреса во Лондон. Тој вели дека тоа се Олимписките игри на XXI век.
„Нашето натпреварување го обновува олимпискиот модел за XXI век. Во ерата на забрзани технолошки и научни промени, на светот му е потребен спортски настан што ја прифаќа иднината, особено напредокот во медицинската наука. Ние не организираме само натпревар, туку се работи за отклучување на човечкиот потенцијал. Ние сме авангарда на суперчовештвото“, рече основачот на Игрите, Арон Д'Соуза.
Организаторите на Подобрените игри тврдат дека еден од нивните спортисти, грчкиот пливач од бугарско потекло, Кристиан Голомеев, веќе го соборил светскиот рекорд на 50 метри слободно откако бил подложен на програма за допинг.
Иако приказната на Голомеев дури достигнува и точка на нов документарец, неговиот успех, сосема оправдано, нема да биде признаен од Меѓународната организација за водни спортови.
Подобрените игри ќе се одржуваат секоја година почнувајќи од 2026 година, а организаторите очекуваат по 100 спортисти во различни дисциплини: атлетика, пливање и кревање тегови.
Секако, натпреварувањето доведе до бројни осуди од светот на спортот. Беше остро осудено од раководителите на антидопинг агенциите и спортските администратори, додека претседателот на Светската атлетика, Себастиан Коу, го нарече целиот концепт „ср*ње“.
Многумина веруваат дека ова е многу опасен начин за промена на светските спортови и се плашат од последиците што овој модел би можел да ги има врз иднината на спортот, како и врз здравјето на спортистите.
Оние што ќе одлучат да се натпреваруваат на „допинг Олимпијадата“ засекогаш ќе ги затворат вратите за професионалниот спорт бидејќи допингот е сè уште строго забранет. Единственото нешто што може да ги натера професионалните спортисти да учествуваат во ова натпреварување се парите, кои сè уште се главен двигател на сè во спортот.