Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ оваа недела влегува во својата 860-та недела меѓу петте најдобри тенисери во светот на АТП ранг-листата, надминувајќи го претходниот рекорд што го држеше Роџер Федерер со 859 недели.
Овој податок дополнително го потврдува континуитетот на врвното ниво на Новак Ѓоковиќ, кој е и апсолутен рекордер по бројот на недели поминати на врвот на АТП листата. Особено импресивен е фактот што Ѓоковиќ беше светски број 1 вкупно 428 недели, што е убедливо најмногу во историјата на тенисот. Федерер е втор на вечната листа со 310 недели на челната позиција.
Ова значи дека српскиот тенисер поминал речиси половина од своето време во Топ 5 (49,8%) како број еден во светот, додека околу 70% од тоа време бил на првите две позиции на АТП листата. Ѓоковиќ моментално има вкупно 939 недели во Топ 10, што го става веднаш зад Федерер, кој има запишано 968 недели во првите десет во светот.
Доколку ги задржи своите конзистентни настапи и остане на врвот на светскиот тенис, Ѓоковиќ би можел да стане апсолутен рекордер по бројот на недели во Топ 10 во наредните месеци, дополнително зацврстувајќи го својот статус како еден од најдоминантните играчи во историјата на спортот.
Yet another record in the books 📚🤯
— Tennis Channel (@TennisChannel) April 20, 2026
Djokovic surpasses Federer's 859 weeks spent in the ATP top 5. pic.twitter.com/XJIu2uqkhE