Среќен роденден Горан Пандев
На денешен ден е родена најголемата македонска фудбалска ѕвезда на денешницата, Горан Пандев, кој сега полни 38 години.
Родум од Струмица, кариерата на Пандев се менува кога на 18-години настапувајќи во дресот на Беласица на турнир во Вијареџо го забележуваат од Интер. Со „Нераѕурите“ ја освојува младинската лига во Италија, а своето деби во Серија А го има како позајмен во тимот на Анкона каде го прославува и првиот гол. Се сели во Лацио каде се етаблира како голгетер и несебичен напаѓач, за во јануари 2010 да се врати во Интер на инсистирање на Жозе Мурињо. Ја освојува Серија А, Копа Италија, Лигата на шампиони и Светското клупско првенство за потоа да се пресели во Наполи. По три сезони таму оди на едногодишна аватура во Галатасарај, а од 2015 ги брани боите на Џеноа во чиј дрес минатата сезона го прослави и стотиот гол во Серија А.
За репрезентацијата на Македонија одигра 122 натпревара и постигна 38 голови, со што е рекордер и по број на одиграни натпревари и по постигнати голови. Воедно, го постигна голот со кој Македонија ја совлада Грузија во баражот и се пласираше на историското ЕУРО 2020, а таму го постигна и првиот историски гол за „Рисовите“ на едно големо натпреварување. Се пензионираше од дресот со националниот грб на дуелот со Холандија кога доби громогласен аплауз од сите присутни на „Амстердам АренА“.
Пандев кариерата ја продолжува на клупско ниво барем за уште една сезона, во која и натаму ќе настапува за клубот од Џенова.