Да им се фатите на младите

Во последните неколку години, младите сè повеќе бараат свој простор во јавниот живот – не само пасивно, туку со активни иницијативи, нови фестивали, уметнички движења и публикации. Враќањето на сопственоста врз јавните простори како крајно ослободувачки чин е можеби најголемата сила на младинската уметност, а фестивалите како „Ре-култура“ ја покажуваат на дело моќта на заедницата и тоа заедница која останува отворена, инклузивна и подготвена да расте. Алтруизмот што зрачи од иницијативи како „Ре-култура“ е длабоко друштвено искуство. Кога младите се собираат за нешто поголемо од себе, тоа е потенцијал за промена на културната и општествената клима. Точката за дискусија што стигна до точка на вриење во мојата глава додека ја сведочам оваа преродба е: како постарите генерации може да го признаат својот дел од одговорноста за грешките во минатото и како да дадат придонес кон нешто поголемо од сите нас заедно?

Момент од фестивалот „Ре-култура#2“ (Фото: Зденко Петровски)

Младите отсекогаш  имале способност да се спротивстават на авторитетите, да го кажат она што го мислат и чувствуваат и тоа да го прават без да бараат одобрување. Токму нивната подготвеност да се оттргнат од оковите на традицијата и директно да навлезат во сржта на прашањата што го тиштат општеството го прави нивниот придонес толку витален. Овој пркос историски роди револуционерни движења и во литературата и во културата. Да ги земеме, на пример, студентските протести во Франција во 1968 година, каде младите се бореа не само за политичка слобода, туку и за културна еманципација. Писателите како Маргарит Дирас застанаа рамо до рамо со младите, пишувајќи дела што ги рефлектираа фрустрациите и надежите на една генерација. Во САД, Бит генерацијата, предводена од писатели како Ален Гинсберг и Џек Керуак, се наметна против конвенционалните морални стандарди на нивното време, давајќи глас на чувството против естаблишментот што длабоко одекна кај младите луѓе. Слично, феминистичките и квир писателите како Одри Лорд и Џејмс Болдвин ги предизвикаа општествените структури кои ги маргинализираа нивните идентитети, создавајќи литература што беше подеднакво сирова и револуционерна.

Сепак, денешните млади уметници кај нас честопати се соочуваат со скептицизам, особено од постарите генерации кои неофицијално коментираат дека на помладата генерација ѝ недостига длабочина или искуство за да создаде значајно дело, без да посочат кои автори ги гледаат, слушаат и читаат и што е тоа кон кое би дале критика. Младите луѓе имаат проживеани искуства — уникатни, валидни и важни сами по себе. Нивните перспективи се обликувани од светот во кој живеат, кој, иако е различен од оној на постарите генерации, не е осиромашен од предизвици, не е помалку сложен или значаен.

„Новите генерации секогаш имаат потреба од редефинирање на стариот свет, во кој делумно живеат. А постарите генерации, пак, често не се свесни дека живеат во поинаков свет од оној во кој се родени. Темите се, се разбира, универзални, а личното искуство е услов за раѓање на уметничката слика. А некои сосема различни сили, главно силите на злото, ја одредуваат структурата на светот во кој живееме. Ние, пак, треба да се бориме за убавина, вистина и правда“, вели српскиот книжевник и критичар Ненад Шапоња.

Младите денес се соочуваат со својата верзија на притисоци, немир и борби, без разлика дали се работи за наоѓањето свој начин да се живее во дигиталната ера, соочување со климатските промени, справување со реалноста на војните или со прашања за идентитетот, менталното здравје и нееднаквоста. Овие искуства ја информираат нивната уметност и на многу начини, нивните дела даваат свеж увид во предизвиците на модерниот живот што постарите генерации можеби не ги разбираат целосно. Само затоа што овие искуства се разликуваат од борбите со кои се соочувале постарите генерации, не ги прави помалку вредни или достојни за истражување. Напротив, тие нудат можност да се вклучат со светот на нови, иновативни начини кои се клучни за еволуцијата на литературата и културата воопшто. Учеството во културниот живот најдиректно и најоргански е учество во јавниот живот, како што вели Калина Качоровска „преку колективна практика и заедничка акција создаваш поквалитетна уметност, култура и општество, затоа што тоа што го создаваш е збир на различни перспективи, ставови, вкусови; градиш солидарност која е клучна во јасно и јавно отсуство на институционална поддршка; создаваш заедница која се учи да соработува и да живее заеднички, што подоцна се пресликува и во секојдневниот живот, не само во творечкиот.“

Во литературата, разновидноста на човечкото искуство е она што ја збогатува уметничката форма, а младешката перспектива - неоптоварена од тежината на традицијата и честопати поотворена за експериментирање - носи со себе динамика и креативност кои се од суштинско значење за виталноста на книжевното поле. Да се отфрлат овие гласови едноставно затоа што не ги одразуваат искуствата на претходните генерации значи да се игнорира богатството и длабочината што младите уметници ги внесуваат во културниот дијалог. Младите писател(к)и, особено жените и квир уметниците, носат свежи перспективи и ги уриваат бариерите на начини кои постарите генерации не можеле да ги замислат. Овие гласови не се само суштински за различноста во литературата; тие се неопходни за нејзината еволуција.

Младите автори не само што ги поместуваат границите на традиционалните книжевни форми, туку ги преиспитуваат и самите структури кои одредуваат што се смета за „книжевност“. Нивното одбивање да се усогласат со книжевните норми е радикален чин, кој одразува поширока културна промена кон инклузивност и различност на гласовите. Не можам доволно да ја нагласам потребата од преиспитување на авторитетот во книжевноста. Ако сакаме да имаме култура која ги одразува реалностите на современото живеење, мора да направиме простор да се слушнат младите гласови. Ова значи не само демонтирање на бариерите што ги спречуваат да пристапат до истите ресурси и можности како нивните претходници, туку препознавање и вреднување на нивната работа, бидејќи како што рече Андреј Медиќ-Лазаревски: „Денешните млади уметници утре ќе ги креираат политиките во културата“.

Сведочиме на генерација која гласно кажува дека ѝ недостига достапна култура и слободна сцена. И не само што го бара, туку и го дава тоа, го враќа јавниот простор што ѝ припаѓа на младинската култура и на културата воопшто. Младите автори и академци денес се занимаваат после долго време со живиот македонски јазик, и тоа на еден инвентивен и игрив начин што ја прави нивната работа исклучително возбудлива. Не знам дали ќе имам многу истомисленици, но мене отсекогаш ме возбудувало кога луѓе се собираат и ги вложуваат своите кадарности за да создадат нешто големо. И за сите. Оваа нијанса на алтруизам ми дава надеж дека младите ќе си создадат свет каков што заслужуваат. Иако не им оставивме многу врз што можеа да градат, можеме да учествуваме во она што го создаваат. Она што може да го направат постарите генерации е да им се фатат на младите на орото и да се обидат да танцуваат заедно со нив.

реклама

Кој ќе биде најдобриот месец во 2026 година за вашиот хороскопски знак?

Read more

Само тројца играчи на Реал не се збогуваа со Чаби

Read more

Аматер го победи најдобриот тенисер во светот и освои милион долари

Read more

Кина ги проби границите на фузијата: Вештачкото сонце го доближува човештвото до неисцрпна чиста енергија

Read more

Теми и коментари

Божиќ или Божик?

Read more

Да им се фатите на младите

Read more

Скопје, разбуди се, денеска е Светскиот ден без автомобили

Read more

Росица, извини

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Искрен трејлер за Freddy vs. Jason

Читај повеќе

Rockstar Games ги забранува мисиите во GTA Online поврзани со атентатот на Чарли Кирк

Читај повеќе

И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи

Читај повеќе
  • play_arrow

Мане со еврогол ги исфрли Салах и Египет, Сенегал е финалист на АФКОН

Читај повеќе

Колач ден и ноќ идеален за Свети Јован

Читај повеќе

Ужасна несреќа во Тајланд: Кран падна врз воз, триесетина загинати

Читај повеќе
  • filter

14 јануари 2005, сондата Huygens го направила најдалечното слетување од Земјата

Читај повеќе

САД го запира издавањето визи за 75 земји

Читај повеќе

Храна што треба да се избегнува и консумира за време на бременост

Читај повеќе