Во досегашната македонска фудбалска историја вкупно 8 италијански калчолигаши ја посетиле Македонија и играле натпревари пред македонска публика.
Прв мразот го скршил сардинскиот клуб Каљари, кој во Скопје допатувал во рамките на четвртфиналето на Митропа купот. Тоа било натпреварување за клубови од Централна Европа, односно од држави чии територии ја сочинувале поранешна Австроунгарија. Каљари тогаш бил во процес на градење на силен тим и иако таа сезона 1967/1968 завршил на 9. место во Серија А, наредната бил втор, а понаредната го освоил своето прво и досега единствено скудето.
Стадион „Градски“ во Скопје
Вардар - Каљари 1:0
Каљари тогаш бил предводен од славните италијански репрезентативни напаѓачи Роберто Бонинсења и Луиџи Рива, но Вадар пред преполниот Градски славел со 1:0 со голот на Мето Спасовски. Со истиот резултат победил и на реваншот на Сардинија и се пласирал во полуфиналето каде бил запрен од чехословачкиот Спартак од Трнава.
На следното калчолигашко гостување во Македонија се чекало дури 26 години, и се случило откако Македонија станала независна држава. Новинарот и фудбалски ентузијаст Миленко Неделковски го организирал првиот меѓународен фудбалски натпревар по осамoстојувањето на Македонија, а за таа цел го донел калчолигашот Фоџа. Таа сезона 1993/1994 Фоџа завршила на 9. место во Серија А, а играле имиња како Луиџи Ди Бјаџо, Игор Коливанов, Андреа Сено, Мауро Бакин и Масимилиано Капелини. Пред околу 11 илјади гледачи на стариот „Градски“ популарните „Сатанели“ (Сатанчиња) победиле со 2:1, а голот за Вардар бил дело на Гајур Садики од околу 30-ина метри.
Стадион „Градски“ во Скопје
Вардар - Фоџа 1:2
Веднаш наредниот ден Фоџа отпатувала за Струмица каде се соочила и со Беласица. И таму ги пречекал преполн стадион, а калчолигашот победил со убедливи 4:0. Беласица таа сезона била еден од послабите клубови во македонската прва лига завршувајќи ја сезоната на 12-тото место, само два бода над зоната за испаѓање. Иако против „Сатанелите“ настапила засилена со играчи од други екипи, сепак калчолигашот се покажал како преголем залак. Фоџа тогаш била без тренер бидејќи откако сезоната во Серија А завршила на 1 мај, Здењек Земан го напуштил кормилото и го презел Лацио.
Стадион „Младост“ во Струмица
Беласица - Фоџа 0:4
Летото 1999 година прилепска Победа во првото коло на Интертото купот на УЕФА ја елиминирала Озета Дукла од Словачка и се изборила за двомеч со калчолигашот Перуџа. „Грифоните“ претходната сезона едвај останале во Серија А завршувајќи 14-ти, бод над опасната зона, но излегле во Европа откако низа подобропласирани клубови се откажале од играње во, за нив, неатрактивното Интертото куп. Откако прво на гостувањето на „Ренато Кури“ прилепчани оставиле добар впечаток и загубиле со минимални 1:0 благодарение на голот на Милан Рапаиќ, дошол 11 јули и големата фешта во градот под Марковите кули. Перуџа со чартерот донела и навивачи, а иако УЕФА поради лошите услови на стадионот во Прилеп наредила капацитетот да биде само 50% исполнет, тоа прилепчани воопшто не го почитувале и го исполниле „Гоце Делчев“.
Стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп
Победа - Перуџа 0:0
На крајот нивната Победа одиграла без голови. За Перуџа играле имиња како Хидетоши Наката (прв Јапонец во Серија А), Андреа Мацантини, Ектор Тапиа, Ренато Оливе, а на клупата бил легендарниот Карло Мацоне.
Голема фотогалерија од мечот тука.
Наредното лето прилепчани повторно се погрижиле за спектакл, овој пат во УЕФА купот. Откако во квалификациската рунда ја исфрлиле романска Универзитатеа од Крајова, жрепката им ја донела забрефтаната Парма, петтопласирана предходната сезона во Серија А и освојувач на УЕФА купот од 1999 година. Овој пат УЕФА не дозволила да се игра во Прилеп, па Победа била домаќин во Скопје.
„Крочатите“* со чартерот донеле навивачи, но поголема група тргната со автобуси била запрена во Србија и вратена назад. Со головите на Сержиу Консејсаун и Марко Ди Вајо калчолигашот победил со 2:0, а игралe и имиња како Џиџи Буфон, Лилјан Турам, Фабио Канаваро, Луиџи Сартор, Сабри Ламуши, Жоан Мику, Саво Милошевиќ, Марсио Аморозо, Дуего Фузер, додека од клупата командувал Алберто Малезани.
*Погрешен е прекарот „Млекари“ за Парма. Иако македонските медиуми одамна овој клуб го нарекуваат со тој прекар, таков никогаш немале и никој во Италија не ги вика така.
Стадион „Градски“ во Скопје
Победа - Парма 0:2
Следното италијанско гостување било повторно пријателски двомеч, а дошла банкнотираната Фиорентина, исфрлена во четвртата лига, која таа сезона 2002/2003 убедливо ја освоила, но под името Флорентиа Виола. „Виолетовите“ дошле со непознати имиња, со само четворица кои некогаш имале заиграно во Серија А и тоа малкупознатите Џузепе Баронкели, Рикардо Масперо, Рафаеле Лонго и Масимилиано Скаља. Иако четвртолигаш, тогаш во тимот останал големиот Анџело Ди Ливио, но тој сепак не допатувал во Скопје. Тимот го водел тренерот Алберто Кавазин.
Само неколку дека пред доаѓањето во Скопје, на 19 мај, сопственикот Диего Дела Вале успеал да го врати името Фиорентина. Така, откако цела сезона играла како Флорентиа Виола, првиот натпревар со вратеното старо име Фиорентина го одиграла во Македонија.
Стадион „Железарница“ во Скопје
Скопје - Фиорентина 0:2
Клубот од Фиренца прво играл против Скопје во Автокоманда и победил со 2:0, а потоа со 5:1 го преслушал и Маџари Солидарност, кој со тој натпревар го прославил историскиот пласман во прва лига. Гоце Марковски го постоигнал единствениот гол за „Ѕидарите“ од Маџари.
На двата натпревара блескал Кристиан Риганò, напаѓач кој Фиорентина го донела претходното лето од Таранто како најдобар стрелец во третата лига со 27 голови. И во штотуку завршената сезона повторно бил најдобар стрелец, овој пат со 30 постигнати голови. Во Скопје дал вкупно 5 гола (хет-трик против „Ѕидарите“ и два на Скопје). Риганò остана кај Виола да биде дел под приказната која заврши со враќањето во Серија А, каде заигра дури на 30-годишна возраст. Денес е во Куќата на славните на Фиорентина.
Стадион „Градски“ во Скопје
Маџари Солидарност - Фиорентина 1:5
Летото истата година Вардар направи сензација во Европа елиминирајќи ја московска ЦСКА во квалификациите за Лигата на шампионите, а потоа по многу борба и контроверзно судење испадна во третото квалификациско коло од прашка Спарта. Се префрли во квалификациите за пласман во УЕФА купот каде фортуната го намести против великанот Рома, италијански шампион од сезоната 2000/2001.
Стадион „Градски“ во Скопје
Вардар - Рома 1:1
Прво во Рим „Волчицата“ победи со убедливи 4:0, а потоа во Скопје вардарци изборија 1:1 со еврогол на Срѓан Захариевски од 40-ина метри. За римјаните тогаш во Скопје истрчаа имиња како Венсан Кандела, Даниеле Де Роси, Антонио Касано, Емерсон, Жонатан Зебина, Трајанос Делас, Гаетано Д'Агостино, Оливје Дакур, Амантину Мансини, а од клупата командуваше неповторливиот Фабио Капело.
Фотогалерија од мечот тука.
Потоа пауза од дури осум години пред нова италијанска екипа да дојде на гости. Одличните игри на Работнички во квалификациите за Лига Европа во Скопје го донесоа Лацио во плејофот за пласман во групите. Прво на „Олимпико“ македонскиот тим беше преслушан со високи 6:0, но и покрај таквиот резултат познатиот калчолигаш во Скопје настапи со играчи како Томазо Роки, Стефано Маури, Ернанес, Кристиан Ледесма, Лорик Цана, Сенад Лулиќ, Лионел Скалони, а на клупата седеше Едоардо Реја. Лацио и на реваншот славеше, со 3:1, а за Работнички погоди Димитрија Лазаревски-Рибар, во тој момент за израмнување на 1:1, резултат со кој се замина на пауза.
Стадион „Филип II Македонски“ во Скопје
Работнички - Лацио 1:3
Последниот калчолигаш што ја посетил Македонија е еден од големата тројка, Милан, кој дојде во 2017 година. Тогаш одлично европско лето имаше Шкендија, мина три квалификациски кола во Лига Европа и во баражот налета на тогаш 18-кратниот освојувач на скудетото. Откако прво во Милано загуби со 6:0, Шкендија како домаќин во Скопје го нагости Милан пред 27 илјади гледачи, пружи солиден отпор и загуби со минимални 1:0 благодарение на голот на Патрик Кутроне.
Стадион „Филип II Македонски“ во Скопје
Шкендија - Милан 0:1
Тогаш Милан го водеше тренерот Винченцо Монтела, а во Скопје играа имиња како Марко Сторари, Алесио Ромањоли, Леонардо Бонучи, Кристиан Сапата, Лука Антонели, Мануел Локатели, Хосе Маури, Давиде Калабриа, Андре Силва, Ињацио Абате...
Љубителите на калчото во Македонија од тој август 2017 година чекаат веќе 8 и кусур години повторно да видат некоја италијанска екипа. Кога Вардар во сезоната 2017/2018 влезе во групите од Лига Европа не налета на калчолигаш, а оттогаш македонските екипи или не налетуваа во жрепката или беа рано елиминирани од европските купови. Тековнава сезона 2025/2026 Шкендија дотера до лигашката фаза во Конференциската лига, каде жрепката сепак не ја спои со Фиорентина. Среќата можеби ќе се насмевме наредната европска сезона.
А, од осумте италијански клубови што ја посетиле Македонија дури 7 моментално играле во Серија А. единствено Фиорентина дошла како паднат џин. Играле не само на „Градски“ во Скопје, туку и во Струмица, Прилеп и Автокоманда. Денес Каљари, Парма, Фиорентина, Рома, Лацио и Милан играат во Серија А, додека Перуџа и Фоџа се третолигаши.
Од сите клупски италијанско-македонски пресметки, само Вардар може да се пофали дека победил калчолигаш, и тоа и дома и гости, но во далечната 1968 година. Оттогаш македонските екипи губеле и на пријателски и на официјални натпревари, со исклучок на оние ремиња на Победа и Вардар дома со Перуџа и Рома.
Статистика на македонско тло:
- одиграни натпревари: 10
- македонски победи: 1
- италијански победи: 7
- нерешени: 2
- гол-разлика: 5:20