Може ли двојна титула како второлигаш?

Со елиминацијата на Вардар од Купот на Македонија згасна надежта на вардаровите навивачи дека ќе се израдуваат на двојна титула, на што чекаат дури од 1995 година.

Вардар уште од пред почетокот на сезоната не ги криеше амбициите за двојна титула - освојување на лигата и купот. Во лигата е прв со 6 бодови предност пред Шкендија и 9 пред Струга, па иако е далеку од готово, сепак сите веќе го гледаат како шампион.

За Купот на Македонија важи непишаното правило дека е многу полесно да се освои, бидејќи има многу помалку натпревари, само 6, но затоа пак еден кикс и отиде сезоната. Токму тој еден кикс го чинеше Вардар крај на сонот за двојна титула. Второлигашот Охрид Лихнидос во вторникот изваде 1:1 во Скопје и на пенали беше поуспешен.

За сезонава да има освојувач на двојна титула треба прво Вардар да не биде шампион на првата лига, што тешко дека ќе се случи. Треба лигата да ја освои Силекс или некој од Шкендија или Струга, кои допрва треба да го одиграат своето четвртфинале и да го дадат последниот полуфиналист.

Досегашни двојни освојувачи

Прв двојна титула освоил, се разбира, Вардар, и тоа во првата сезона по осамостојувањето - 1992/1993. Истиот успех го повторил во третата сезона 1994/1995, но оттогаш иако освоил уште 9 лигашки и уште 4 куп титули, никогаш не ги споил во иста сезона. Добар дел од сегашните вардарови навивачи, оние вистинските што одат на стадион, не биле родени кога последен пат се славела двојна титула. Не е чудо што во редовите на „Црвено-црните“ со душа се чека повторување за ваквиот успех.

Втор кому вакво нешто му пошло од рака е Силекс, кој двојна титула освоил во сезоната 1996/1997.

Потоа во престижниот клуб на двојни освојувачи влегла и Слога Југомагнат со триумфот во сезоната 1999/2000.

Дури 8 години поминале пред некој друг да освои двојна титула. Првата деценија од новиот милениум ја одбележа Работнички, кој жареше и палеше низ републиката. Двојна титула прво освои во сезоната 2007/2008, а потоа истото го повтори со триумфите во 2013/2014.

Последниот двоен освојувач е тетовска Шкендија со двојната титула во сезоната 2017/2018.

Оттогаш веројатно осма година Македонија нема да има освојувач на двојна титула.

Сумирано, ваков успех им пошол од рака на 5 екипи, а само Вардар и Работнички успеале по вторпат да го повторат тој подвиг.

Вардар - 2 (1992/1993, 1994/1995)
Работнички - 2 (2007/2008, 2013/2014)
Силекс - 1 (1996/1997)
Слога Југомагнат - 1 (1999/2000)
Шкендија - 1 (2017/2018)

За малку

Има неколку екипи на кои за малку им избегала двојната титула.

Слога Југомагнат дури во два наврата била на чекор од ваков успех, но двапати губела во куп финалето: во 1998/1999 2:0 од Вардар и во 2000/2001 2:1 од Пелистер.

Прилепска Победа можела да влезе во ова реномирано друштво во сезоната 2006/2007, но загубила во куп финалето со 2:1 од Вардар.

И Македонија ЃП пропуштила ваква шанса кога во сезоната 2008/2009 на пенали била поразена во куп финалето од Работнички.

Најсвеж пример е екипата на Струга. Во сезоната 2022/2023 ја освои лигата и беше на праг на двојна титула, но нејзините фудбалери катастрофално ги изведуваа пеналите во куп финалето кога Македонија ЃП победи со многу необичен резултат за пенал-рулет - само 2:0.

Двојна титула како второлигаш?

Се важи ли двојна титула ако едната титула е освоена како шампион на втората лига?

Вакво нешто може да се случи сезонава во македонскиот фудбал. Имено, две второлигашки екипи се во полуфиналето од купот, и тоа не било кои туку двете што се борат за првото место во втората лига - Охрид Лихнидос и Шкендија 77 од Арачиново. А, бидејќи во полуфиналето не играат еден против друг, во теорија можат да се сретнат во големото финале.

Охрид Лихнидос ќе игра против Силекс, додека Шкендија 77 против победникот од четвртфиналниот меч Струга - Шкендија, кој е закажан за 18 март.

Сѐ е во игра, па дури и вакво неверојатно сценарио - второлигаш да освои двојна титула, ако се рачуна, нели.

Никогаш второлигаш

Никогаш не случило во претходните 33 сезони Купот на Македонија да го освои второлигаш. Всушност, само едаш второлигаш успеал да стигне до големото финале. Тоа беше Силекс во сезоната 2021/2022 кога го загуби финалето со 4:3 на пенали од Македонија ЃП, а ја освои втората лига (група Запад, тогаш се играше во две групи).

Статистички не се рачуна, но технички Тетекс беше веќе второлигаш кога ја освои куп титулата во сезоната 2012/2013. Тетовчани тогаш веќе беа испаднати од првата лига кога истрчаа во големото финале и успеаја да го освојат, па дури и играа во Европа како второлигаши.

Имало претходно примери кога второлигаш доаѓал на чекор, но полуфиналето секогаш се покажувало како преголем залак, освен во гореспоменатиот случај на Силекс. Дури и сегашните полуфиналисти Охрид Лихнидос и Шкендија 77 не се првпат во оваа фаза - двата во 90-тите имаат стигнато до полуфиналето, каде биле елиминирани.

Брегалница беше полуфиналист во пандемската 2020 година, кога сезоната се прекина и никогаш не се доигра. Останува засекогаш пропуштената шанса на штипјани како второлигаши да стигнат до финалето и евентуално да го освојат. Но, тоа е нешто за кое никогаш нема да дознаеме што би се случило.

реклама

4 хороскопски знаци се главни фаворити на Уран до 2033 година

Read more

Изненадување во екот на трката за титулата: Сити го менува името на стадионот

Read more

Ќотекот се враќа како дисциплинска мерка во училиштата во една од најбогатите земји

Read more

Среќен 100-ти роденден, сер Дејвид Атeнборо!

Read more

Теми и коментари

Наредната сезона втората лига може да биде половина скопска

Read more

Згреши ли Седлоски со Трајковски и Миовски?

Read more

Може ли двојна титула како второлигаш?

Read more

Дали жените и девојките во Македонија беа безбедни во 2025 година?

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Привилегиран статус: Даде само еден гол и ја доби наградата за гол на сезоната

Читај повеќе
  • filter

9 мај 1946: Почнал да се слави Денот на победата

Читај повеќе

Реал им изрече историска казна на Валверде и Чуамени

Читај повеќе

ФИФА најави шоу на три стадиони: Кејти Пери ќе настапи на отворањето на Мундијалот

Читај повеќе
  • play_arrow

Без тенкови на Црвениот плоштад: Поинаква Парада на победата во Москва

Читај повеќе

Хаос на уште еден крузер: Над 100 патници и членови на екипажот заразени со норовирус

Читај повеќе

Изненадување во екот на трката за титулата: Сити го менува името на стадионот

Читај повеќе

Пентагон објави голем пакет досега невидени документи за НЛО

Читај повеќе

ЗНМ: Јавните институции мора да обезбедат еднаков пристап за сите медиуми

Читај повеќе