Спортските новинари што посетуваат (најчесто) фудбалски натпревари на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со години работат во нехумани и мизерни услови во новинарската ложа. А, сето тоа поради негрижа на претпријатието под чија надлежност е овој објект кој требаше да биде гордост на нацијата.
Јавна тајна е дека Арената се чисти само за некој важен настан. За сѐ друго само малку се поднашминкува. На пример, ако треба нашите фудбалери да играат против Англија или Италија оти, нели, срамота е англиските и италијанските новинари од BBC, Sky Sport, RAI, La Gazzetta dello Sport итн., а доаѓаат во прилично голема бројка, да работат на валканите маси и столчиња во ложата. Останатите странски новинари, и особено домашните, се тотално неважни. Тие можат во секакви услови да се снајдат.
Кога ќе стигнете до ложата прво треба да прошетате и да ја најдете најмалку валканата масичка за да го поставите вашиот лаптоп. Но, не толку брзо. Треба да сте опремени барем со влажни марамчиња оти прво треба таа маса да си ја исчистите, оти на АДСДП им е гајле во какви услови вие ќе работите. Најдобро е да си носите некое средство за чистење, но се поминува и со марамче. Потоа треба да го најдете најмалку валканото столче, да го зачистите и него за да може да седнете. И без разлика што сте зачистиле колку што сте можеле, кога ќе се вратите дома облеката ја фрлате директно во машината за перење алишта, а вие одите под туш за да ја елиминирате потенцијалната зараза со којзнае што наталожено со години во новинарската ложа, оти таму нема само прашина, туку и измет.
На видеото се кадри направени во новинарската ложа за време на европските натпревари на Вардар и Шкендија летово. Да напоменеме дека овие два клуба ја изнајмуваат Арената и не се задолжени за нејзино одржување. Со парите што ги даваат тие, а и ФФМ за Арената да ја користи репрезентацијата, претпријатието задолжено за Арената, односно АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП), не мрда со прст за да ги направи условите нормални за работа.
Имаше порано обид ФФМ да ја земе под своја капа Арената, најмногу поради тревата која АДСДП ја запоставуваше (ништо чудно, нели?), но не сакаше да ја даде златната кокошка друг да ја стопанисува. Епа време е! Време е државата да реагира и конечно Арената да замине под капа на ФФМ, затоа што полошо од ова под АДСДП едноставно не може да биде.