Белгиско-британска тинејџерка влезе во историјата со тоа што стана најмладата жена што сама летала околу светот.

Зара Радерфорд (19) се спушти на аеродромот Кортријк-Вевелгем во Фландрија денеска, нешто по 13 часот по локално време, завршувајќи го патувањето од 52.000 километри (28.100 наутички милји) што ја одведе низ 31 земја на пет континенти.
„Тоа е навистина лудо. Уште го немам испроцесирано сознанието“, им рече на новинарите Радерфорд, завиткана со британско и белгиско знаме.
Таа рече дека имало „неверојатни моменти“, но и моменти кога стравувала за својот живот. „Би рекла дека најтешкиот дел беше летањето над Сибир, бидејќи беше само екстремно студено. Беше минус 35 степени на земјата… Ако моторот тогаш запреше, спасувачите ќе дојдеа дури по неколку часа и не знам колку долго ќе можев да преживеам“.
Со глатко слетување на пистата, таа стана првата жена која сама летала низ светот со микролесен авион и првата Белгијка која сама ја обиколила земјината топка по воздушен пат. Родителите на Радерфорд се пилоти и почнале да ја носат на летови со мали авиони кога била малечка. На 14-годишна возраст научила да лета и сонувала за патување околу светот.
„Сонот беше навистина да летам околу светот. Но, секогаш мислев дека тоа е невозможно: тоа е скапо, опасно, комплицирано, логистички кошмар“, рече таа во телевизиско интервју претходно овој месец. „Значи, никогаш не размислував за тоа двапати. И тогаш го завршував училиштето и си помислив: ако сакам да направам нешто лудо со мојот живот, ова е совршено време да го направам тоа.“
На 18 август минатата година таа полета со својот двосед Shark Aero, еден од најбрзите лесни авиони во светот, кој може да достигне брзина до 300 км/ч. Летајќи на запад, таа застана во ОК, Гренланд, Америка и Русија, а потоа се спушти кон југоисточна Азија, на север кон Индија, Блискиот Исток и Египет и назад кон Европа.
Сега Зара планира да студира електротехника и се надева дека ќе стане астронаут. Тинејџерката, која како нејзини инспирации ги наведува американската пионерка во авијацијата Амелија Ерхарт и руската космонаутка Валентина Терешкова, рече дека се надева дека нејзиното патување ќе поттикне повеќе девојки да се занимаваат со наука и инженерство.
„Додека растев, навистина не гледав многу жени пилоти или жени информатичари“, рече таа. „Тоа се две мои страсти и многу е обесхрабрувачки кога нема некој кој прави некоја од тие работи на кој можете да се огледате“.
Таа рече дека се надева дека „другите девојки ќе ме видат и ќе помислат: И јас би сакала да летам еден ден“.