Во текот на вечерта се уапсени осум лица, од кои четири за предизвикување верска и национална омраза, извести министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Четири од нив се уапсени поради тоа што сториле прекршок, учествувале во тепачка, а другите четири лица се уапсени поради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од Кривичниот законик, кое се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, а за што е предвидено минимална казна од една година затвор. За тие четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за ова дело“, рече Тошковски.
Едно од нив е малолетник, другите се млади лица од 18 до 21 година, додаде министерот Тошковски.
По насока на јавен обвинител, се работеше до доцна, тие се приведени и ќе бидат изведени по итна постапка пред лицето на правдата, а потоа судот ќе одлучи во рамките на своите законски надлежности, објасни Тошковски.
Тој упати порака до сите што имаат на ум да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација на Македонија дека жестоко и сурово ќе одговориме на какви било обиди.
„Полицијата е спремна, професионална да одговори на сите предизвици што се претставени пред нив. Времето на крив е пајакот, крив е кабелот – заврши. Имаат сите имиња и презимиња. Тука е разликата“, додаде Тошковски.
Тој побара сите што имаат какви било материјали да ги достават до полиција.
Министерот упати благодарност до полицијата и до граѓаните што споделиле снимки на социјалните мрежи „затоа што еден од кривично-правните настани ги расветливме токму поради тие снимки“.