Генералниот директор за јавна безбедност на Австрија, Франц Руф, денеска изјави дека главниот осомничен признал сè и детално ги опишал плановите за нападот.

Руф потврди и дека информациите за нападите ги добиле од тајната служба.
Додаде дека 19-годишникот, уапсен вчера во Терниц, Долна Австрија, работел на плановите за нападот од јули. На крајот на јули ја напуштил работата и рече дека има уште многу планови.
Младиот човек, кој е роден во Австрија, забележително го променил својот изглед и се прилагодил на пропагандата на ИД, пишува ORF.
Второто уапсено лице е 17-годишник. Според информациите кои оттогаш се потврдени, тој бил на стадионот „Ернст Хапел“, каде требало да се одржат концертите на Тејлор Свифт.
И двајцата тинејџери живеат во Терниц, а 17-годишникот неодамна раскинал со својата девојка. „Социјалната ситуација на двајцата осомничени е променета“, рече Руф.
Шефот на Управата за државна безбедност и разузнавање, Омар Хајави-Пирчнер изјави дека при претресот на куќата во Терниц биле пронајдени хемиски супстанции за правење бомби и пропагандни материјали на терористичката организација Исламска држава.
„Тој сакаше да се убие себеси и голем број други луѓе со експлозиви и со мачети и ножеви“, додаде Хајави-Пирчнер, пренесува ORF.
Kurier претходно објави дека 19-годишникот, чии родители биле од Северна Македонија, наводно планирал да влета со автомобилот во десетици илјади фанови кои се очекуваше да стојат пред стадионот „Ернст Хапел“ за време на концертите, а потоа со мачети и ножеви да ги нападнат фановите и на крајот да активираат бомба направена од украдените хемикалии.
За потсетување, три концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и задутре во Виена беа откажани поради планираниот терористички напад на стадионот „Ернст Хапел“. Се очекуваше околу 195.000 луѓе да присуствуваат на трите концерти на распродадениот стадион и уште околу 20.000 фанови да ги слушаат концертите надвор од стадионот. Парите за влезниците ќе им бидат вратени.
Истрагата за планираните напади сè уште е во тек.