На градските улици ширум метрополата в недела неколку илјади учесници ќе истрчаат на традиционалниот маратон.
Маратонот првично требаше да се одржи на 10 мај, но поради пандемијата со COVID-19 тогаш беше одложен. Сега дојде времето и под мотото „Трчањето ќе ве промени“ ќе продолжи традицијата, по 16-ти пат. Ќе учествуваат натпреварувачи во маратон, полумаратон и штафетен маратон.
„Не можам да го сокријам моето задоволство што Скопскиот маратон прерасна во една од најголемите спортски манифестации во државата и еден од најмасовните улични маратони во регионот. Упатувам честитки до организаторот Сојузот на спортови Скопје, кој заедно со коорганизаторите и во ваквите вонредни околности настанати заради светската пандемија на коронавирусот, успеаја да најдат начин како безбедно да ги отворат вратите за натпреварувачите од целиот свет почитувајќи ги протоколите за заштита на јавното здравје“ рече градоначалникот Петре Шилегов.
Град Скопје е домаќин и покровител на Скопскиот маратон, заедно со Канцеларијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.
„Во организацијата на маратонот вклучени се професионалци и волонтери што се грижат маратонот да помине во најдобар ред и покрај отежнувачките околности, за што сакам од срце да им се заблагодарам. Градот Скопје како и секогаш, обезбеди логистичка и финансиска поддршка за потребите на организацијата. Јавни претпријатија на Градот имаа задача да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри“, изјави Шилегов.
Во Скопје периодот се реконструираат десетина улици, па патеката на лоја ќе поминат маратонците мораше да се приспособи на тоа да не се поклопи со делниците на кои моментални се работи.
„Внимававме тоа да не претставува пречка за движењето на учесниците на маратонот, така што освен со исклучок на 250 метри кај улицата '11-ти Октомври' каде што реконструкцијата започна вчера, патеката не поминува на ниту една од преостанатите улици чија реконструкција е во тек. Сосема на крајот, на сите учесници им посакувам успешна трка, добра забава и дружење и нека победат најдобрите“, кажа Шилегов на прес-конференцијата.