Сопругата и агент на Икарди тврди дека Аргентинецот има намера да остане во Интер и токму поради тоа ги одбивал сите понуди иако некои од нив беа и тоа како богати.
„Тој секогаш беше конзистентен одбивајќи еден куп понуди од големи клубови. Јас си ја завршив мојата работа, преговарав со различни клубови, но потоа одлуката беше секогаш негова. Според мене, Мауро Икарди ќе остане во Интер“, изјави Ванда Нара за време на гостувањето во емисијата Tiki Taka на Italia 1.
„Неговата одлука секогаш беше јасна, можеби зборувал со некој во клубот кој му рекол да остане. Можеби оној што го има последниот збор... Многу работи се кажаа за нас, повеќето погрешни. Се зборуваше дека Мауро веќе имал договор со Јуве или пак дека јас сум заминала за Неапол. Јас не можам да го натерам да си замине затоа што тој сака да остане. Клубот му дава плата и сам одлучува дали ќе го игра, а тој е слободен да одбере каде ќе игра“.
Во истата емисија гостин беше и Кристијан Виери кој одлуката на Икарди ја прокоментира од негова гледна точка: „Ни мртов не би останал во клуб во кој тренерот, навивачите и претседателот не ме сакаат“. Меѓутоа, тренерот Антонио Конте ниту еднаш нема изјавено дека не го сака Аргентинецот.