Германскиот финансиски регулатор BaFin побара од регионалната банка Volksbank Koln Bonn информации за заем со кој се финансирало купувањето на еден од најголемите бордели во Европа во 2021 година, изјави извор запознаен со ова прашање за Reuters.
Volksbank Koln Bonn го одобрила заемот на кинескиот инвеститор Ху Ѓинг за купување на борделот Pascha во Келн.
Проституцијата е легална во Германија. Банката ангажирала адвокатска фирма во јули независно да ја истражи трансакцијата, вклучително и дали еден од членовите на одборот можеби имал лична корист од договорот. Деталите за заемот не беа објавени.
Folksbank Koln Bonn одби да коментира за истрагата на BaFin. Се вели дека членот на одборот се смета за невин сè додека не се утврдат сите околности и дека ќе биде на отсуство сè додека не се заврши истрагата.
Адвокатот Маркус Лемкилер изјави за Reuters дека го застапува членот на одборот Јирген Нојтгенс, кој ја извршува функцијата од 2018 година.
Неговите одговорности вклучуваат корпоративни клиенти, приватно банкарство и управување со финансии. Лемкилер рече дека неговиот клиент негира какво било кривично дело. Тој одби да коментира дали Нојтгенс бил во контакт со регулаторот.
Според извор запознаен со ова прашање, BaFin истражува можност Нојтгенс да добил провизија поврзана со кредитот. Reuters не можеше да утврди на кого му е исплатена наводната провизија или за која цел.
„Мојот клиент никогаш не примил никаква исплата во ниту еден момент“, напиша Лемкилер како одговор на прашањата од Reuters. Тој додаде дека очекува истрагата да покаже дека обвинувањата против неговиот клиент се неосновани. Банката започна внатрешна истрага по извештаите на германските медиуми за кредитот.
Германските Volksbanken се кооперативни банки во сопственост на своите членови и се важен дел од финансискиот систем на најголемата економија во Европа. Тие ретко даваат кредити на странски инвеститори, а банките генерално избегнуваат бизнис што би можело да им го наруши угледот.
Кинескиот инвеститор Ху Ѓинг, чие име е наведено во документите на компанијата, не одговори на пораките на Reuters испратени на телефонскиот број наведен во документите.
Неговиот адвокат во Германија изјави дека нема индикации дека сопственикот или управителот на имотот е под истрага.
Управителот на Pascha, Андре Винстрот, кој го води борделот откако повторно се отвори по купувањето од страна на Ху, изјави дека неговата компанија го изнајмува просторот и нема никаква врска со кредитот.
Reuters не можеше независно да ги потврди обвинувањата.