Јапонија увезе ориз од Јужна Кореја за прв пат по 25 години, обидувајќи се да ги намали цените кои нагло се зголемија во последните месеци и предизвикаа незадоволство кај купувачите.

Според медиумите, јужнокорејски ориз пристигнал во Јапонија минатиот месец за прв пат од 1999 година, бидејќи домашните цени на оризот продолжуваат да растат и покрај напорите на владата да го смири пазарот.
Цената на јапонскиот ориз е повеќе од двојно зголемена во однос на минатата година, па многу потрошувачи и покрај високите царини почнаа да бараат поевтини опции за увоз. Досега се увезени само два тона јужнокорејски ориз, кој се продава преку интернет и во продавниците, но јавниот сервис NHK најави дека ќе пристигнат уште 20 тони во наредните денови.
Јапонците традиционално немаат доверба во странскиот ориз. На пример, тајландскиот ориз увезен во 1993 година едвај се продаваше по студеното лето, но поради сегашната криза тие се повеќе го прифаќаат увозниот ориз. Според агенцијата Yonhap, извозот на јужнокорејски ориз во Јапонија оваа година би можел да биде најголем од 1990 година, а за американските производители се отворија нови можности.
Арата Хирано, сопственик на ресторан во Токио, се префрли на американскиот ориз минатата година кога домашните залихи пресушија и цените вртоглаво пораснаа. Тој за Reuters изјави дека цената на калифорнискиот ориз оттогаш е двојно зголемена, но сепак е поевтин од јапонскиот ориз. Гостите, вели тој, не ја забележале разликата, меѓу кои и Мики Нихеи, која дури подоцна дознала дека јадела американски ориз.
„Немав поим“, рече таа. „Немам проблем да јадам увозен ориз. Цените се зголемени, па постојано барам поевтини опции.“
Во неделата до 6 април, цената на 5 килограми ориз во супермаркетите достигна просечно 4.214 јени (околу 30 долари или 22 фунти), што е двојно повеќе од истиот период минатата година. Владата затоа презеде необичен чекор: почна да ги ослободува залихите на ориз од државните резерви. Во март тие пуштија 210.000 тони ориз на пазарот за да се обидат да го спречат растот на цените предизвикани од рекордните летни горештини, паничното купување и проблемите со снабдувањето.
Јапонија обично ги користи резервите само по природни катастрофи или слаба жетва, но ова е првпат да интервенираат поради проблеми со дистрибуцијата. И покрај сè, ефектот засега е слаб.
Минатата недела Министерството за земјоделство призна дека логистичките проблеми го спречиле најголемиот дел од оризот да стигне до продавниците. 142.000 тони беа понудени на аукција во средината на март, но до крајот на месецот само 426 тони, или 0,3 отсто стигнаа на полиците, соопшти Министерството, обвинувајќи го недостигот од возила за испорака и времето потребно за подготовка на оризот за продажба.
Залихите на ориз веќе беа сериозно исцрпени од рекордните топлотни бранови што го погодија родот во 2023 година. Минатата година тие дополнително паднаа поради зголеменото трошење предизвикано од рекордниот број туристи, а ситуацијата беше влошена од брановите на панично купување по предупредувањата за тајфун и земјотрес, што принуди некои трговци да ја ограничат продажбата.