Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој годинава го одбележува своето 59. издание, е една од наајзначајните манифестации посветена на театарската уметност во земјава.

Од 6 до 13 јуни 2025, Прилеп повторно ќе биде центарот на македонската театарска сцена, собирајќи ги најдобрите театри, режисери, актери и драмски автори од целата држава. Фестивалот е платформа за афирмација на современата македонска драма и простор за размена на идеи, иновации и уметнички визии. Оваа година, МТФ „Војдан Чернодрински“ ја проширува својата програма со нови иницијативи, како што е пичинг-форумот „Драмолетање“, создавајќи дополнителен простор за промоција на нови драмски гласови и поттикнување на продукцијата на македонски драмски текстови.
Преку вакви платформи, фестивалот не само што ја одржува традицијата, туку и ја гради иднината на македонскиот театар, мотивирајќи ги младите автори и професионалци да создаваат дела што ќе ја одразат комплексноста и динамиката на современото македонско општество. МТФ „Војдан Чернодрински“ останува симбол на креативноста, слободата на изразување и континуираниот развој на театарската уметност во Македонија.
Стручната комисија составена од м-р Петар Антевски (продуцент), м-р Шенај Мандак (режисерка) и Ангела Стојановска (актерка), по разгледување на 14 пристигнати драмски текстови, ги селектираше следните четири дела за учество на пичинг-форумот „Драмолетање“, кој ќе се реализира во рамките на МТФ „Војдан Чернодрински“ 2025: „Голи души“ на Иван Додовски, „Ложа“ на Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ на Ева Камчевска и „Чудесен лек“ на Коста Бојчески.
Овие текстови се избрани врз основа на три јасно дефинирани критериуми: оригиналност, релевантност и продукциска вредност. Комисијата особено ја истакнува разновидноста и креативноста на сите пристигнати пријави, нагласувајќи дека изборот бил тежок поради високото ниво на авторска интуиција и амбиција.
Оригиналноста беше клучен фактор – се вреднуваа нови драмски дејства, свеж драмски јазик и жив дијалог, со особен фокус на иновативниот пристап кон познати или универзални теми. Релевантноста подразбираше третирање на современи општествени теми со јасна вкоренетост во македонскиот контекст, а продукциската вредност се мереше преку потенцијалот за сценска реализација и адаптабилност во различни театарски простори.
Во однос на текстовите што не беа селектирани, комисијата упати искрена поддршка и препорака за нивна понатамошна разработка, посочувајќи дека многу од нив имаат потенцијал, но се соочуваат со драматуршки недостатоци како недоразвиено дејство, недоволна карактеризација и отсуство на драмска структура.
Пичинг-форумот „Драмолетање“ има за цел да ги поврзе авторите со режисерите, продуцентите и националните театри, создавајќи динамична платформа за промоција и реализација на нови македонски драмски текстови. Со оваа иницијатива, МТФ „Војдан Чернодрински“ уште еднаш ја потврдува својата улога како двигател на современата македонска драма и театар.