В четврток, со почеток од 20 часот, љубителите на поезијата ќе имаат можност да присуствуваат на промоцијата на дебитантската поетска збирка „Ќумур смоквин млеч“ од младиот автор Стефан Спасовски, во издание на „Илика“.
Настанот ќе се одржи во пријатниот амбиент на кафе-книжарницата „Буква“, каде преку разговор со авторот ќе биде претставена збирката, а дел од песните ќе бидат прочитани пред публиката.
Промотор на збирката е Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот промотивен текст ја опишува „Ќумур смоквин млеч“ како стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик и одлично обмислена структура. Тој ја истакнува нејзината интертекстуалност и интердискурзивност, како и отворениот дијалог што го води со современата македонска книжевност.
„Книгата рефлектира прашања земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови“, пишува Медиќ Лазаревски.
„Ќумур смоквин млеч“ веќе го привлече вниманието на книжевната јавност, освојувајќи ја наградата „Антев часовник“ за необјавена поетска збирка од млад автор, доделена од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Од организаторите на манифестацијата велат дека оваа збирка нуди интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е дел од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи на јазично уредување и редакција на текстови. Спасовски има и богато искуство во пишувањето есеи, а неговото творештво е претставено на повеќе поетски читања, меѓу кои „Клинци“, „Поетска епизода“ и Скопскиот поетски фестивал. Бил член и на уредничкиот одбор на студентското списание „In medias res“.
Промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“ ветува вечер исполнета со поезија, инспирација и нови книжевни перспективи, а сите заинтересирани се добредојдени да бидат дел од овој настан и да го запознаат младиот автор и неговиот поетски свет.