Велигденски концерт со грандиозната Голема миса во Це-мол од генијалниот Моцарт

Во среда, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи својот Велигденски концерт насловен „Per Aspera ad Astra“ („Низ трње до ѕвездите“). На концертот за првпат ќе биде изведена „Голема миса“ во це-мол, вокално –инструментално ремек-дело на Волфганг Амадеус Моцарт. Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски. Настапува и хорот „Едикт“ од Ниш.

Маестра Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистент во Филхармонискиот оркестар на BBC и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“. Во сезоната 2020/21 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, Оркестарот „Моцарт“ од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет „Great Wall“, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост“ ја нарече „предводник на индонезиската класична музика“. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастеркласи кај ментори како сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон, на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.

Гонца Богоромова Краповски е уметница која своите достигнувања успешно ги афирмира на домашната и меѓународната концертна сцена како една од најистакнатите вокални уметници од помладата генерација на солисти во нашата земја. Има активна и сестрана кариера како солист, педагог и камерен музичар. Како изведувач, таа остава силен впечаток со обемот на репертоарот кој вбројува дела од периодот на барокот, класицизмот, романтизмот и современата музика на 21 век, и важи за сопран со софистициран уметнички израз и исклучителна вокална техника.

Настапува со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар од Минхен, оркестарот на Државната опера од Пловдив и оркестарот на Македонската опера и балет. Настапува со исклучителните пијанисти како Милица Шкариќ, Марија, Вршкова, Елена Атанасовска, Милен Станев, Вјара Шуперлиева, Димитри Василакис … Посветена на концертната дејност, таа е уметник која настапува на сите реномирани фестивали во земјава: „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“, „ДММ“, а на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ го остварува своето концертно деби каде заедно со ансамблот „Алтус“ беше изведена светска премиера на дела од композиторскиот опус на Панде Шахов. Со настапите на 62-то и 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“, Богоромова се потврдува како уметник со голем афинитет кон современото македонско музичко творештво.

Одликувана како „претставник на младата генерација на квалитетни пејачи“ со „блескаво чист глас“, македонската сопранистка Милена Арсовска ја започна својата кариера на многу млада возраст во Македонската национална опера. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултет за музичка уметност во Скопје, со диплома за музика cum laude и магистрира на МУК, Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Студиите ги продолжува со учество на мастер класи кај реномирани пејачи како Мариела Девиа, Красимира Стојанова, Клаудија Виска и Илко Начев. Милена Арсовска ја започна својата сезона 2024/25 со голем успех како солист во 2-те прекрасни дела, Втората симфонија на Малер и Миса Солемнис од Бетовен со Националниот синфониски оркестар во Богота. Оваа сезона таа дебитира и во „La Boheme“ како гостин на Театарот Вилки в Лоџи во улогата на Музета. На почетокот на новата година таа дебитира на Новогодишен гала концерт со Синфониски оркестар на Сицилија во Палермо. Нејзините ангажмани во театарот Мајнфранкен во Вурцбург оваа сезона ги вклучуваат улогите на Глауче во „Медеа“, Софи Шол во „Белата роза“ и Микаела во „Кармен“.

Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особенo ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност, Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланската скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија… Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри како „Сан Карло“ во Неапол, „Реџо“ во Парма, Операта во Каљари, „Верди“ во Трст, „Карло Феличе“ во Џенова, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската државна опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната опера во Штутгарт, Кралската опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната опера во Прага, Операта во Лимож, Гран театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори хол во Токио, Рјутопиа центарот во Ниигата, Национална опера во Варшава, Градскиот театар во Клагенфурт, Националната моравска опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил, пеејќи главни тенорски ролји. Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа Сонот на Скипион за Дојче грамофон и Аријадна на Наксос за ТДК и ЦД на Лучија од Ламермур за Динамик, Ромео и Јулија заедно со Андреа Бочели за ДЕККА, Зенобија во Палмира за Бонџовани и Те Деум од Флавио Колусо за МР Класикс, Блу-Реј од претставата Турандот од Миланска скала повторно за ДЕККА.

Игор Дурловски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје и ја завршил својата магистратура со највисока оценка – cum laude. Дурловски дебитирал во 1999 година во Македонската опера, каде што учествувал во повеќе од 20 премиерни продукции. Неговото меѓународно деби било во Виенската камерна опера (Wiener Kammeroper) во улогата на Нонакур во „Il cappello di Paglia di Firenze“ од Нино Рота, по што следеле улогите на Плутон во „Ballo delle Ingrate“ и Плутоне во „Euridice“. Во сезоните 2009–2011 настапувал во бројни продукции во Државниот театар во Касел (Staatstheater Kassel). Во 2013 година дебитирал во Операта во Лајпциг (Leipziger Opera) како Грома/Крал на самовилите во „Die Feen“ од Вагнер, а истата година настапил и на Бајројтскиот фестивал (Bayreuth Festspiele). Во 2014 година дебитирал во Линцер Ландестеатар (Linzer Landestheater) во улогата на Зарастро во нова продукција на „Волшебната флејта“ („Die Zauberflöte“). Во 2015 година настапил во Државниот театар во Штутгарт (Staatstheater Stuttgart) во улогата на Аницето во „Berenike“. Во 2016 година дебитирал во улогата на Тимур во „Турандот“ во Макао, Кина, а во 2017 година настапил во Операта во Хонгконг со „Аида“. Здружението на македонски композитори му ја додели наградата „Георги Божиков“. Исто така, бил лауреат на меѓународниот натпревар „Jeunesses Musicales“ во Белград.

реклама

Докажан трик за секунди ги отстранува гребнатинките од индукциската плоча

Read more

Буфон по 20 години: Јас сум виновен за црвениот на Зидан во финалето на СП 2006

Read more

Сарми од блитва според стар, добар рецепт

Read more

Грешка што ја прават повеќето патници поради која ги запираат на аеродром

Read more

Култура

Mанифестација Во чест на поетот во Штип

Read more

Симон Трпчески со два ексклузивни концерти во Охрид и Битола ова лето

Read more

Изложба Етнографија во делата од колекцијата на Националната галерија во Чифте амам

Read more

Левица со поддршка за протестот на културните работници

Read more
 

Вести

Цената на нафтата надмина 101 долар

Читај повеќе

Трамп ги дели НАТО членките на „добри“ и „лоши“: На кој список е Македонија?

Читај повеќе

Отворена истрага за Booking.com во Италија

Читај повеќе

Потврдите од платените казни од Safe City нема потреба да се носат во полициска станицa

Читај повеќе

Украински рецепт во Саудиска Арабија 

Читај повеќе

Стратешки потези: Како Кина балансира помеѓу Иран, САД и Израел?

Читај повеќе

Виена смисли стратегија за борба против сообраќајниот метеж

Читај повеќе

Тренчевска: Законите за минерални суровини да се повлечат, директно го загрозуваат здравјето на граѓаните

Читај повеќе

Штип ќе се „ресетира“: Елена Бубало и Бојана Ташков во заедничка фитнес сесија организирана од Реплек

Читај повеќе