Обвинителството објави детали за страшната сообраќајка во Радишани во која загина 19-годишен мотоциклист од село Побожје, Скопско.
Основното јавно обвинителство Скопје во скратена постапка гони 46-годишник осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Осомничениот, на 7 август околу пладне, со Seat Altea возел по улицата „Радишанска”. На крстосницата со улица „18”, на која сообраќајот не е регулиран со знаци, свртел во лево без да ги пропушти возилата кои доаѓале од спротивна насока. На тој начин го пресекол патот на мотоцикл Kawasaki кој од спротивната страна на крстосницата го задржувал правецот на движење.
За да избегне директен судар со автомобилот, мотоциклистот отишол во лево, преминувајќи на коловозната лента наменета за движење возила во спротивна насока.
Но, таму со предниот дел од моторот удрил директно во автомобил Alfa Romeo кој доаѓал од спротивната страна. Од силата на ударот мотоциклистот Никола Макрачевски излетал, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а полесно бил повреден и возачот на автомобилот Alfa Romeo.
Осомничениот, наместо да укаже помош на повредените, по несреќата го напуштил местото.
Со цел обезбедување на лицето во текот на постапката, јавниот обвинител предложи да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.