Вистинската драма се одвивала во петок наутро на летот на Ryanair од аеродромот во Солун до Минхен. Инцидентот, кој ги шокираше патниците, се случил кратко по полетувањето.
За време на летот, се слушнал силен тресок, по што еден од прозорците на авионот целосно испукал, изјавил еден од патниците за Ράδιο Θεσσαλονίκη.
Кабината веднаш изгубила притисок, а маските за кислород биле активирани. Според очевидци, најкритичниот момент се случил кога воздухот почнал да го извлекува 61-годишениот српски државјанин, кој седел веднаш до скршениот прозорец, пренесува Πρώτο Θέμα.
Телото на мажот било речиси до рамената надвор од авионот, а го спасиле безбедносниот појас, како и патниците што седеле до него и го влечеле назад, изјавиле очевидци за Ράδιο Θεσσαλονίκη.
Пилотот веднаш го сменил курсот и побарал итно слетување, а успеал безбедно да го врати авионот на аеродромот во Солун.
Целиот настан се случувал во воздушниот простор на Македонија.
Според последните информации, повредениот Србин бил однесен во болница со возило на брза помош поради повреда на вратот. Лекарска помош му е укажана и на бремена жена која е префрлена во болницата „Ипократио“, каде по детален ултразвучен преглед е утврдено дека сè е во ред со неа и бебето и таа е пуштена дома, пренесува Euronews.
Иако авионот на Ryanair со сериозно оштетен десен мотор и скршен прозорец слета безбедно во Солун, истрагата за инцидентот ќе ја води Македонија, бидејќи настанот се случил во македонскиот воздушен простор.
Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) соопшти дека назначил акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Македонија во истрагата за сериозниот инцидент со летот на Ryanair.
Одлуката на НТСБ предизвика внимание, бидејќи авионот полетал од грчкиот аеродром „Македонија“ во Солун, таму се вратил по дефектот, а леталото и понатаму се наоѓа во Грција за детални технички проверки.
Сепак, според правилата на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) и Анекс 13, истрагата ја води државата над чија територија или воздушен простор се случила несреќата или сериозниот инцидент.
Според досегашните информации, проблемот на летот FR1879 се случил над територијата на Македонија, поради што македонските власти се надлежни за водење на истрагата и донесување на конечните заклучоци.
The NTSB has appointed an Accredited Representative to assist the Republic of North Macedonia with its investigation into the Ryanair accident over North Macedonia, Friday.
— NTSB Newsroom (@NTSB_Newsroom) July 10, 2026
Per international protocols under the International Civil Aviation Organization's Annex 13, all…
Во истрагата, сепак, ќе учествуваат експерти од повеќе земји и компании. Грција ќе биде вклучена бидејќи авионот се наоѓа во Солун, каде ќе се проверуваат моторот, оштетениот прозорец, трупот и податоците од летот.
Малта ќе учествува како држава на регистрација на авионот и држава на операторот, бидејќи летот го извршувала Malta Air, компанија од групацијата Ryanair.
САД се вклучени бидејќи станува збор за авион Boeing 737, произведен во Америка, а НТСБ ќе обезбеди техничка поддршка. Во анализата ќе учествуваат и производителот Boeing и компанијата CFM International, која го произведува моторот CFM56.
Истрагата треба да утврди што точно се случило за време на летот – дали прво дошло до дефект на моторот, кој дел се одвоил, како дошло до оштетување на трупот и поради што се скршил прозорецот во патничката кабина.
Фотографиите по слетувањето покажуваат сериозно оштетување на десниот мотор, додека снимките од кабината покажуваат скршен прозорец и активирани маски за кислород. Сепак, истражителите предупредуваат дека овие снимки не се доволни за конечен заклучок.
Ќе бидат анализирани податоците од црните кутии, разговорите во пилотската кабина, документацијата за одржување на авионот и моторот, како и сите пронајдени делови.
НТСБ нагласи дека, според меѓународните правила, сите официјални информации за текот на истрагата ќе ги објавува Македонија како држава која ја води постапката.
Конечниот извештај нема да го подготвуваат сите учесници заеднички, туку ќе го усвои и објави македонскиот истражен орган, пишува Aero.rs.