Содржината во учебниците по историја во Македонија и Грција потполно се совпаѓа и идентично ги опишува настаните од Втората светска војна, кога е во прашање улогата на Бугарија. Зошто тогаш нашиот источен сосед бара кај нас да се изврши корекција, но не го бара истото за грчките учебници?
Оваа споредба на македонските, грчките и бугарските учебници го објави Facebook страницата Macedonian and Bulgarian Research Center.
Грчкиот учебник, кој е финансиран од фондовите на Европската Унија, кажува дека за време на втората светска војна:
- Бугарија била окупатор
- Бугарија била фашистичка
- Бугарите извршиле злосторства, кражби, егзекуции,
- Бугарите вршеле присилна бугаризација врз населението и др.
1. Грчки учебник: Делот на Грција кој бил под бугарска окупација (дел од Источна Македонија и Тракија) го дефинира како „бугарска зона“ на окупација. Учебникот директно го користи терминот „бугарски фашисти“ (Βούλγαροι φασίστες).
2. Македонски учебник: Идентично како грчкиот, ги користи термините „бугарски окупатор“, „фашистичка окупација“ и „фашистички окупатори“ кои извршиле окупаторска поделба на Македонија.
3. Бугарски учебник: Не ги користи овие термини. Тврди дека во април 1941 година бугарските војски само го презеле „управувањето“ на Македонија и Беломорието, каде биле пречекани како „ослободители“.
1. Грчки учебник: Директно наведува дека бугарските фашисти се обиделе да спроведат „политика на бугаризација“ (πολιτική εκ-βουλγαρισμού) во Источна Македонија (се мисли на грчката провинција). Ова предизвикало востание кај Грците кое било задушено со масовни егзекуции.
2. Македонски учебник: На иста линија, детално опишува дека е воведена „окупаторска денационализаторска и асимилаторска политика“. Оваа политика била придружена со политичко угнетување, масовен терор, судски процеси, убиства и економска експлоатација врз локалното население.
3. Бугарски учебник: Воопшто не споменува политика на бугаризација, насилна асимилација или егзекуции врз месното население на окупираните територии. Периодот го опишува како „национално обединување“.
1. Грчки учебник: Наведува дека еврејските заедници биле десеткувани од нацистите.
2. Македонски учебник: Посочува дека во март 1943 година македонските Евреи биле однесени во логорот на смртта во Треблинка, одвојувајќи ја нивната судбина од судбината на Евреите во Бугарија.
3. Бугарски учебник: Од вкупно три страници за Бугарија во Втората светска војна, цели две страни се посветени само на спасувањето на бугарските Евреи. Учебникот цитира документи кои тврдат дека Бугарија „спасувајќи ги своите Евреи... демонстрира чуда од вистинска храброст". Додека, пак, за македонските и тракијските Евреи кажува дека помогнала, замислете, да се иселат во источните германски покраини, без притоа за посочи за нивната крајна судбина.
Според доказите, барањето измените да ги направи македонската страна е апсурдно. Договорот јасно посочува дека промената да се спроведе објективно, поткрепено со автентични историски извори. Тој не ја амнестира бугарската страна. Затоа, македонската страна треба повеќе да се активира и да извлече максимум. Во името на добрососедство, македонската страна треба да бара Бугарија да ги промени своите учебници за да ја рефлектира вистината на тој дел од историјата, наведува на крајот Macedonian and Bulgarian Research Center.