Платформата за родова еднаквост вчера јавно реагираше против предлог-измените на Законот за полиција, кои се веќе доставени до Собранието на Република Северна Македонија, а со кои се предвидува бришење на членот 96 од постојниот закон. Овој член, како што потенцираат, јасно ја утврдува обврската за почитување на принципот на еднаквост при вработувањето во полицијата.
Членот 96 од важечкиот Закон за полиција пропишува дека „при вработувањето во Полицијата треба да бидат соодветно и правично застапени граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност,“ како и дека „при вработувањето во Полицијата да се почитува принципот на еднаквост на половите.“
Според Платформата, со ваквата измена се укинува единствениот член кој експлицитно упатува на еднаквост и инклузивност во полициската структура, што, како што се наведува во нивното соопштение, е спротивно и на националното законодавство и на обврските преземени со Истанбулската Конвенција и други меѓународни документи.
„Овој предлог испраќа опасна порака дека родовата еднаквост и инклузивноста се ирелевантни во изградбата на безбедносните институции. Доаѓа во време на сериозна јавна загриженост поради бројни случаи на несоодветно постапување и неефикасна заштита од страна на полицијата, особено во случаи на родово базирано и семејно насилство“, велат од Платформата.
Тие предупредуваат дека укинувањето на вакви клучни одредби води кон легитимирање на нееднаквоста и дискриминацијата, како и дека сериозно го загрозува кредибилитетот на полицијата како сервис за сите граѓани. Особено е нагласено дека жените, кои ионака се недоволно застапени во безбедносниот систем, со оваа измена ќе станат уште поневидливи во институција што треба да има клучна улога во заштитата од насилство и гарантирањето на јавната безбедност.
„Бараме итно повлекување на измената со која се укинува членот 96 и јасна заложба од институциите дека правото на еднаквост и родова застапеност останува неповредливо загарантирано и задолжително во секој дел од системот, особено во полицијата“, порачуваат од Платформата за родова еднаквост.