Македонското еколошко друштво (МЕД) ја сподели радосната вест дека пред десетина дена, во соработка со кичевското Здружение на ловци „Елен“, фатиле рисица на планината Баба Сач.
По повод Благовец, ловџиите ѝ го дале името Благица, пишуваат од МЕД.
„На наша голема радост, станува збор за здрава единка, стара околу 4–5 години и тешка 17 кг. Благодарение на соработката со @Ветеринарниот факултет – Скопје, на терен со нас беше и ветеринар кој ја провери нејзината здравствена состојба (земање крв и брисеви, проверка за крлежи и сл.)“, велат од МЕД и со радост нагласуваат дека оттогаш ја следат рисицата Благица и гледаат дека се движи на планините Баба Сач и Илинска-Плакенска, планини каде што никогаш досега не следеле рис со методот на радиотелеметрија.
Во меѓувреме, ловџиите од „Елен“ успеале да најдат прв плен (срна), што потврдува дека по успивањето и ставањето околувратник, нејзината состојба е добра.
„Останува да видиме дали наскоро ќе има принова. Тоа е од огромно значење за понатамошниот опстанок на рисот, поради што женките се позначајни за следење од мажјаците“, стои во објавата на МЕД.
📢Добри вести! 🐾 Пред десетина дена, во соработка со кичевското Здружение на ловци „Елен“, фативме рисица на планината...
Posted by Македонско еколошко друштво on Sunday, April 19, 2026