Во текот на септември ЈП „Лајка“ заловило 172 бездомни кучиња во Скопје, од кои 124 се стерилизирани/кастрирани, 44 се вдомени, а 105 се вратени на локацијата каде биле заловени.
Во Општина Аеродром во текот на месецот биле заловени 25 кучиња. Од подрачјето на Општина Бутел биле заловени и третирани вкупно 39 кучиња, во Општина Гази Баба – 18 кучиња, во Општина Ѓорче Петров 15 кучиња.
Од подрачјето на Општина Карпош биле заловени и третирани 24 кучиња, а тимовите на ЈП „Лајка“ заловиле и третирале 29 кучиња од територијата на Општина Кисела Вода.
Од различни локации на територијата на Општина Центар биле заловени и третирани вкупно 23 кучиња, додека од територијата на Општина Чаир биле заловени и третирани 2 кучиња.
„Секое заловено куче поминува низ ветеринарен преглед и, согласно неговата состојба и програмата на ЈП 'Лајка', соодветен ветеринарен третман, стерилизација/кастрација, вакцинација против беснило, микрочипирање и идентификација“, велат од претпријатието.
Во септември, теренските тимови на ЈП „Лајка“ биле дополнително ангажирани во пресрет на Скопскиот маратон и Бела ноќ. Активностите биле насочени кон централното градско подрачје и долж трасата на маратонот, каде поголем број бездомни кучиња биле привремено згрижени во прифатилиштето. Целта била превентивно да се обезбеди безбедно одвивање на настаните за граѓаните и учесниците, а истовремено и безбедност на самите кучиња во услови на зголемена фреквенција на луѓе и сообраќај.
Во септември, ЈП „Лајка“ за прв пат ја организираше теренската работа со 4 екипи за заловување, со активности во проширен временски период од 5:00 до 20:00 часот.
„Екипите стратешки делуваа на територијата на Кисела Вода, Центар и Гази Баба, согласно однапред утврден план за заловување. Паралелно со планираните активности, продолжи и ургентното постапување по пријави од граѓани, општини и институции на целата територија на Скопје, во првиот можен момент, а најдоцна во рок од 24 часа“, велат од ЈП „Лајка“.
Во септември, вкупната бројка на вдомени кучиња е 44 од кои 14 се кучиња кои во „Лајка“ престојувале со години. Четири кучиња, пак, биле привремено згрижени.