Археолозите тврдат дека пронашле докази за најстарата човечка езерска населба во Европа на албанската страна од Охридското Езеро, за која се вели дека е стара до 8.000 години.
Тим научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден макотрпно отстранувајќи дрвени столбови што ги потпирале куќите, објавува Reuters.
Археолозите, исто така, таму наоѓаат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара, датирајќи помеѓу 6.000 и 8.000 години.
„Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, а тоа ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе, што саделе“, рече Хафнер.
Неколку студии покажуваат дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Албанија и Македонија, е најстарото езеро во Европа, старо повеќе од еден милион години.
Староста на наодите се утврдува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои прстените на дрвјата. На локалитетот се собрани повеќе од илјада примероци од дрво.
Се верува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се протегала на околу шест хектари, а сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.