Некогаш симбол на словенечкото алпско наследство, последниот глечер во земјата, се стопил до само неколку ледени површини, за кои истражувачите предупредуваат дека би можеле целосно да исчезнат за само неколку дена.
Научниците го следат глечерот на Триглав уште од 1946 година, кога тој зафаќаше површина од приближно 14 хектари. Сепак, во последниве години, тој практично престана да функционира како глечер, што значи дека во него веќе не се создаваше ниту се придвижуваше нов мраз.
„Сите показатели укажуваат на тоа дека последните остатоци од мраз буквално ќе исчезнат во наредните денови“, за Reuters изјави Миха Павшек од Географскиот институт „Антон Мелик“ при Истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите (ZRC SAZU), додавајќи: „Лично го следам веќе 30 години и се чини дека оваа обемна задача – барем што се однесува до глечерот под Триглав – годинава се ближи кон крајот.“
Поради забрзаните климатски промени, минатата зима на глечерот беа забележани врнежи од снег под просекот, а снегот потоа се стопи невообичаено рано. Како резултат на тоа, преостанатите ледени површини беа изложени на летните горештини значително подолго време.
„Дури ниту заштитената локација, помалку изложена на сончева светлина, повеќе не можеше да ги спаси остатоците од овие вистински глечери“, нагласува Павшек.
Исчезнувањето на глечерите е дел од поширокиот тренд низ Европа, на континентот кој го доживува најбрзото зголемување на температурите на планетата.
Експертите предупредуваат дека топењето на глечерите во соседна Австрија ја загрозува долгорочната стабилност на водотеците што го полнат сливното подрачје на реката Сава, вклучувајќи ги и реките Мура и Драва.
„Го губиме оној мал, но клучен дел од водата што беше од витално значење, особено во сушните години. Ситуацијата изгледа сосем поинаку кога ги разгледуваме водотеците што се влеваат во сливот на Сава“, објаснува Павшек. „Мура и Драва во голема мера се полнат со вода од глечерите во соседна Австрија. Како што овие глечери исчезнуваат – а предвидувањата укажуваат дека огромното мнозинство ќе исчезне во наредните децении, па дури и целосно до крајот на векот доколку температурите продолжат да растат – протокот на овие реки значително ќе се намали.“
Овој пад на нивото на водата директно ќе влијае врз земјоделските површини што зависат од наводнување од овие реки, како што се рамнините Драва и Птуј и делови од регионот Помурје.
Slovenian glacier could disappear in days, researchers say https://t.co/yFF671Iliw https://t.co/yFF671Iliw
— Reuters (@Reuters) October 5, 2026