Јовица Станишиќ, кој беше осуден на 15 години затвор од страна на Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови (ICTR) во мај 2023 година за воени злосторства на територијата на поранешна Југославија, ќе го отслужи остатокот од казната во Германија, објавува Anadolu.
Според наредбата од октомври 2024 година, со која се одредува земјата каде што Станишиќ, поранешниот началник на Службата за државна безбедност (СДБ) на Министерството за внатрешни работи на Србија, ќе ја отслужи казната, претседателката на ICTR, Грациела Гати Сантана, одлучи дека тоа ќе биде Германија.
Во одлуката се наведува дека Станишиќ моментално е во притвор во Одделот за притвор на Обединетите нации во Хаг и чека префрлање во земја каде што ќе продолжи да ја отслужува казната.
„Му наложувам на секретарот да испрати формално барање до германската влада за извршување на казната на Станишиќ и, доколку германската влада го прифати барањето, да го информира Станишиќ и надлежните органи во Холандија и да преземе сите потребни мерки за негов брз трансфер“, се наведува во одлуката.
Гати Сантана го отфрли претходното доверливо барање на Станишиќ да биде ангажиран судски медицински експерт за да ја процени неговата здравствена состојба и можноста за патување пред неговиот трансфер во друга земја.
„И покрај тврдењата на Станишиќ дека неговите здравствени проблеми се толку сложени што трансферот би бил исклучително неповолен, Механизмот нема договор за извршување на казни со Холандија, ниту пак постојат услови за долгорочен престој на осуденик во притворен центар на ОН по изрекувањето на пресудата“, се вели во соопштението.
„Со ова одлучувам Јовица Станишиќ да ја издржува казната во Германија“, заклучи Гати Сантана.
Во мај 2023 година, Жалбениот совет на Механизмот донесе конечна пресуда со која Станишиќ и Франко Симатовиќ, поранешен командант на Единицата за специјални операции (ЈСО) на СДБ, беа осудени на по 15 години затвор.
Според обвинението на Хашкиот трибунал од 2008 година, Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за учество во заеднички злосторнички потфат предводен од тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, со цел протерување на Бошњаците и Хрватите од делови од територијата на БиХ и Хрватска со цел создавање етнички чиста српска држава.
Пресудата ја донесе петчлен панел на Механизмот, предводен од судијката Грасиела Гати Сантана, со членови на панелот Ли Г. Мутога, Аминатата Лоис Рунени Н'гум, Јусуф Аксаро и Клаудија Хофер. Симатовиќ ја слушаше пресудата во судницата, додека Станишиќ беше присутен преку видео врска од притворот во Хаг.
Со правосилна пресуда се поништени претходните казни од 12 години затвор.