Европската комисија денеска соопшти дека ќе започне истрага за извештаите дека владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан испратила разузнавачки агенти во Брисел за да соберат информации за институциите на Европската Унија и да се обидат да регрутираат функционер на ЕУ, пишува Politico.
Според заедничката истрага на германскиот Der Spiegel, белгискиот дневен весник De Tijd, унгарскиот портал Direkt36 и други медиуми, унгарските разузнавачки агенти кои се претставувале како дипломати се обиделе да се инфилтрираат во институциите на ЕУ, додека Оливер Вархеји, денес европски комесар, бил унгарски амбасадор во Унијата.
Според документите што ги прегледале новинарите, еден оперативец, чие име не е објавено, работел во Брисел помеѓу 2015 и 2017 година како дипломат во одделот за кохезиска политика на унгарската амбасада, објавува Politico.
Извештаите сугерираат дека тој всушност бил член на унгарската служба за надворешно разузнавање и дека развил контакти во рамките на Европската комисија и другите тела на ЕУ.
На денешната прес-конференција, портпаролот на Европската комисија, Балаж Ујвари, изјави: „Комисијата, како и секогаш, ги сфаќа ваквите обвинувања многу сериозно и останува посветена на заштитата на своите службеници и мрежи од нелегално шпионирање“.
Тој додаде дека извршната власт на ЕУ ќе „формира внатрешна група за справување со овие обвинувања“, но дека од оперативни безбедносни причини нема да даде дополнителни информации. Портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, изјави дека претседателката Урсула фон дер Лајен била запознаена со извештаите.
Ниту Вархеји ниту претставниците на унгарската влада не одговорија веднаш на барањето на Politico за коментар.
Наводната шпионска активност е повеќе во согласност со практиките на Москва и Пекинг отколку со оние на земјите-членки на ЕУ, велат новинарите. Ваквите потези би можеле дополнително да ја продлабочат недовербата кон Унгарија во Брисел.
Според медиумските извештаи, висок бриселски функционер рекол дека се среќавал со оперативецот на секои два до три месеци за „пријателски разговори“, но набрзо сфатил дека е шпион кој бара „какви било озборувања“ за Комисијата.
Состаноците обично се одржувале во парк во Брисел, а на крајот оперативецот составувал документ со кој формално би го прогласил службеникот на Комисијата за „таен агент“ на унгарската служба за надворешно разузнавање Információs Hivatal (IH) - и тоа додека сè уште работел во Комисијата.
Службеникот им рекол на медиумите дека не го потпишал тој документ и дека оперативецот дури му понудил пари во замена за информации, што тој го одбил. Politico објави дека безбедносни извори ја потврдиле веродостојноста на неговата изјава.
Во тоа време, претпоставен на тој оперативец во амбасадата бил тогашниот унгарски амбасадор во ЕУ, Оливер Вархеји, кој денес ја извршува функцијата комесар задолжен за здравјето и благосостојбата на животните во Европската комисија.