Според EES, патниците кои не се од членки на ЕУ, како што се македонските државјани, мора да ги регистрираат своите отпечатоци од прсти и да направат фотографија од лицето кога влегуваат во Шенген-зоната, а потоа повторно и кога ја напуштаат.
Европската Унија ги отфрли барањата од аеродромите и авиокомпаниите за привремено суспендирање на новите ЕЕС гранични контроли, иако признава дека постојат „20 проблематични точки“ каде што се прават големи гужви.
Само една недела пред врвот на летната туристичка сезона, претставници на ЕУ изјавија дека новиот систем за влез/излез (EES - EU Entry/Exit System) не е совршен, но им порачаа на претставниците од туристичката индустрија дека целосното затворање „не е потребно и не е можно“.
Според EES, патниците кои не се од членки на ЕУ, како што се македонските државјани, мора да ги регистрираат своите отпечатоци од прсти и да направат фотографија од лицето кога влегуваат во Шенген-зоната, а потоа повторно и кога ја напуштаат.
Претставници на авиокомпаниите и аеродромите, како и на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), минатата недела побараа суспензија на EES до следното лето поради страв од хаос на туристичките дестинации.
ИАТА соопшти дека патниците ги пропуштаат конекциите или имаат доцнење во Португалија, Шпанија, Италија, Грција и Белгија, додека Ryanair минатата недела предупреди на огромни редици на аеродромите, вклучувајќи ги и популарните дестинации како Аликанте, Малага и Палма де Мајорка.
Сепак, претставниците на ЕУ тврдат дека е невозможно системот да функционира во некои земји, а во други не, бидејќи тоа би довело до „незгодна ситуација во која патниците би биле заглавени на граничните премини“.
Ова би можело да се случи, на пример, ако патник од Обединетото Кралство влезе во Шенген-зоната на граница каде што се воспоставени новите контроли и излезе на граница каде што не се воспоставени. Во тој случај, би можело да се евидентира дека го пречекорил својот 90-дневен престој во кој било период од 180 дена и да му биде одбиен влез на следното патување.
ЕУ, исто така, го одложува воведувањето на другиот посебен систем, познат како Европски систем за информации и авторизација за патување (ETIAS), сличен на американскиот ESTA.
Официјалните лица изјавија дека од вкупно 1.500 гранични премини, само 20 се проблематични и дека ќе се изврши притисок врз земјите-членки да воведат мерки за намалување на застојот.
Една од локациите со најдолги доцнења беше мал регионален аеродром каде што пристигнаа 3.000 патници во рок од еден час. Како што се очекуваше, тие не можеа ефикасно да се обработат бидејќи имаше само 4 биометриски кабини, рекоа официјалните лица. Сепак, бидејќи станува збор за туристичка дестинација, проблемот се јавува „само два или три месеци во годината“, додадоа тие.
Лисабон веќе го намали метежот со вработување дополнителен персонал, а уште 50 службеници од граничната агенција Фронтекс се распоредени на аеродромот во Брисел, соопштија официјални лица.
Овие контроли се подготвуваа 8 години и беа дизајнирани да ги решат слабостите откриени по терористичките напади во Брисел и Париз во 2015 и 2016 година.
Воведувањето на системот беше одложувано неколку пати, а минатиот октомври конечно почна да се имплементира, со можност земјите-членки привремено да се откажат додека се тестира технологијата и логистиката.
Според новите правила на EES, аеродромите и пристаништата можат привремено да го суспендираат системот ако редиците станат неподносливи, но таа опција истекува во септември.
Досега ниедна земја-членка не побарала продолжување на оваа опција по септември.