Голема меѓународна операција против купувачи на материјал за сексуална злоупотреба на деца резултираше со апсење на 28 мажи од седум земји, соопшти денеска норвешката полиција.
Норвешката национална служба за кривични истраги (Kripos) откри дека мажите ја користеле криптовалутата монеро за да платат за пристап до форуми на темната мрежа, објави Euronews.
Операцијата Torch беше спроведена на почетокот на јуни, а мажите, на возраст од 22 до 54 години, беа уапсени во Норвешка, Шведска, Швајцарија, Канада, Чешка, Полска и Германија, соопштија од Kripos.
Агенцијата соопшти дека очекува повеќе апсења, веројатно во други земји, истакнувајќи дека има „многу осомничени“.
„Тесно соработуваме со шест земји за да ги координираме апсењата на идентификувани корисници кои платиле за пристап до форуми со криптовалута“, изјави полицискиот обвинител Терје Недребо Мишелсен во соопштението.
Kripos соопшти дека развиле метод за следење на употребата на криптовалути во специфични случаи уште во 2025 година, што беше клучно за оваа истрага.
Во посебна изјава, Европол соопшти дека едно од уапсените лица „широко користело вештачка интелигенција за создавање нелегален материјал“, додека „некои од жртвите биле дел од потесното семејство на друг осомничен“.
Како резултат на операцијата, три деца биле „земени под заштитен притвор“, се додава.
Операцијата, исто така, доведе до „заплена на повеќе од 460 предмети, вклучувајќи електронски уреди, крипто паричници, дрога и големи количини допинг материјали“, соопшти Европол.