Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговите сили ќе „ја преземат контролата врз сите области“ на Појасот Газа и дека Израел ќе дејствува за да спречи гладување со укинување на хуманитарната блокада што траеше неколку недели, иако нагласи дека дозволените ресурси ќе бидат „минимални“.

„Постои еден клучен услов: не смееме да дозволиме глад, ниту од практичен ниту од дипломатски аспект. Едноставно кажано, народот повеќе нема да нè поддржува. Нема да можеме да ја завршиме мисијата на победата“, рече Нетанјаху во видео објавено на неговиот канал на Telegram во понеделник наутро.
Потврди дека е договорен план со САД според кој американските компании ќе доставуваат помош преку точките обезбедени од израелската војска. Го обвини Хамас за претходно ограбување на испораките на помош.
Нетанјаху рече дека одлуката за продолжување на испораките на помош во Газа дошла по притисокот од сојузниците, кои изразија загриженост поради „сликите на глад“.
„Најголемите пријатели (на Израел) во светот“, рече тој без да спомене конкретни земји, „рекоа: Постои едно нешто што не можеме да го поднесеме. Не можеме да прифатиме слики од глад, масовен глад. Не можеме да го поднесеме тоа. Нема да можеме да ве поддржиме“.
„Затоа, за да постигнеме победа, мора некако да го решиме тој проблем. Помошта што ќе биде дозволена да влезе во Газа ќе биде 'минимална'. Нашиот голем влез во суштина е за преземање контрола врз цела Газа и спречување на Хамас да ја ограбува хуманитарната помош“, рече Нетанјаху.
Американскиот претседател Доналд Трамп се осврна на ситуацијата во Газа за време на неговата неодамнешна турнеја на Блискиот Исток.
„Ја набљудуваме Газа, мора да го решиме тоа, многу луѓе гладуваат. Се случуваат многу лоши работи“, рече Трамп за време на посетата на Обединетите Арапски Емирати.
Претходно, за време на посетата на Катар, тој предложи САД да ја преземат контролата врз Газа и да ја претворат во „слободна зона“.
„Доколку е потребно, би бил горд ако САД ќе ја преземат Газа, ќе ја преземат, ќе ја претворат во зона на слобода. Нека се случи нешто добро, нека луѓето имаат домови каде што ќе бидат безбедни, а со Хамас ќе мора да се справиме“, рече Трамп во обраќањето пред американските војници.