Последните зборови на папата Франциск беа благодарност до неговиот здравствен асистент кој му помогна да ги поздрави верниците на плоштадот „Свети Петар“ на Велигден, соопшти Ватикан.

„Ви благодарам што ме доведовте на плоштадот“, му рекол Франциск на Масимилиано Страпети, кој во изминатиот период му обезбедуваше 24-часовна нега на папата.
Папата Франциск (88) почина вчера по мозочен удар и срцева слабост. Претходно оваа година, тој помина пет недели во болница со двојно воспаление на белите дробови, но се врати во Ватикан пред речиси еден месец и оттогаш се чинеше дека се опоравува.
Последните денови ги поминал работејќи, спротивно на советите на лекарите кои го советувале да мирува најмалку два месеца за да му овозможи на телото да закрепне.
Погребот на папата ќе се одржи в сабота.