Државната Дума, долниот дом на рускиот парламент, денеска усвои закон со кој се дозволува користење на војската за заштита на руските граѓани во случаи на апсење, кривично гонење или други правни постапки покренати од странски судови.
Законот, кој беше поддржан од руската влада, гласаа 381 пратеник, или 84,7 проценти од присутните. Никој не беше против или воздржан, објави официјалната веб-страница на парламентот.
Во образложението на законот се наведува дека според постојното законодавство, рускиот претседател веќе има овластување да ги распореди вооружените сили за задачи што одат подалеку од нивната директна воена намена.
Новиот закон ги проширува овие овластувања и му дозволува на претседателот да ја користи војската за да ги заштити граѓаните од кривично гонење пред странски или меѓународни судови во кои Русија не учествува.
Законот, исто така, предвидува дека државните органи, со одлука на претседателот, преземаат мерки за заштита на граѓаните во случаи на апсење, кривично гонење или други правни постапки покренати од странски судови.
Доколку го потпише рускиот претседател Владимир Путин, законот ќе стапи на сила десет дена по неговото официјално објавување.
Некои експерти веруваат дека законот ќе има ограничен практичен ефект, но дека носи силна политичка порака.
Тие велат дека странските земји сега може двапати да размислат пред да ја притворат, на пример, руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, која е барана од Меѓународниот кривичен суд под обвинение за киднапирање украински деца.