Администрацијата на Трамп ја запира обработката на сите визи за посетители од 75 земји, почнувајќи од 21 јануари, објави Fox News, повикувајќи се на допис на американскиот Стејт департмент.
Според извештајот, меѓу погодените земји се Сомалија, Русија, Иран, Авганистан, Бразил, Нигерија и Тајланд.
Fox News јавува дека со дописот до американските амбасади им се наложува да ги одбиваат визите во согласност со постојниот закон, додека Стејт департментот ги анализира постојните правила.
Запирањето на обработката на визите се вклопува во строгата имиграциска политика што републиканскиот американски претседател Доналд Трамп ја спроведува од стапувањето на должност во јануари минатата година.
Во ноември, Трамп се заколна дека трајно ќе ги запре миграциите од сите земји од третиот свет, откако авганистански државјанин пукаше од огнено оружје во близина на Белата куќа и уби припадник на Националната гарда.
Многу авганистански државјани кои поднеле барања за азил во САД во 2021 година добиле специјални имигрантски визи, наменети за оние кои работеле со американската војска за време на нејзината 20-годишна војна.