Шпанија е подготвена да работи на создавање заедничка армија на Европската Унија „веќе утре“ бидејќи само на овој начин „средните сили“ на Европа може да добијат безбедносно и одбранбено значење во денешниот свет, изјави шпанскиот премиер Педро Санчес.
„Подготвени сме да се движиме кон заедничка европска армија, не за десет или две години, туку веднаш. Веќе утре, ако може да се изразам народски“, рече тој во Барселона на форумот „Европски пулс“ посветен на иднината на Европа.
Санчес верува дека создавањето заедничка армија не е прашање на избор, туку неопходност со оглед на моменталните војни во Украина и на Блискиот Исток, како и тензиите во светот.
„Европската Унија е составена од средни сили во областа на одбраната и безбедноста, и како такви можеме да бидеме значајни само ако изградиме заедничка армија“, рече Санчез.
Тој истакна дека ова е неопходно за „другите да не ја експлоатираат“ ранливоста на земјите од ЕУ во оваа област.
Санчес, кој се соочува со парламентарни избори следната година, во петокот изјави дека инвестициите во заедничката одбрана и безбедност на ЕУ мора да бидат придружени со напори во други области, како што се растот на економијата и поттикнувањето на изградбата на повеќе социјални станови.