
Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Истанбул, соопшти турската агенција AFAD.

Засега нема извештаи за големината на штетата, но жителите на најголемиот турски град се евакуирани од зградите.

Епицентарот на земјотресот, кој се случи во 12:49 часот по локално време, бил во областа Силиври, област која се наоѓа на околу 80 километри западно од Истанбул. Земјотресот се случи на длабочина од 6,92 километри, соопшти AFAD.

Турската телевизија TGRT јавува дека едно лице е повредено откако скокнало од балкон за време на земјотресот.

AFAD ги предупреди жителите на регионот да не влегуваат во оштетените згради.