Потврдени се 6 случаи на хантавирус од 8 сомнителни случаи пријавени по избивањето на заразата на крузерот MV Hondius во Атлантскиот Океан, објави Светската здравствена организација (СЗО).
„До 8 мај вкупно се пријавени 8 случаи, вклучувајќи 3 смртни случаи (стапка на смртност од 38%). Шест случаи се лабораториски потврдени како инфекција со хантавирус, а сите се идентификувани како последица на вирусот Анда, за кој се знае дека се пренесува меѓу луѓето“, се наведува во соопштението на СЗО.
Се додава и дека преостанатите два случаја се сметаат за „веројатни“.
СЗО напоменува дека 4 пациенти моментално се хоспитализирани. Еден е на интензивна нега во Јоханесбург во Јужна Африка, двајца се во различни болници во Холандија и еден е во Цирих во Швајцарија.
Лицето кое се лекува во болница во Диселдорф во Германија е негативно на тестот и „затоа повеќе не се смета за случај“.
Крузерот MV Hondius, кој патувал од Аргентина кон Зеленор'тските Острови, е во центарот на меѓународното внимание откако СЗО објави дека тројца патници починале и дека постои сомнеж дека биле заразени со хантавирус.