Танкерите од руската „флота во сенка“ испуштаат нафта во Средоземното Море

Руските танкери продолжуваат да испуштаат нафта во близина на европските брегови и покрај западните санкции, што ја нагласува немоќта на континентот да ја запре таканаречената московска „флота во сенка“, пишува POLITICO.

 

Според заедничката истрага на непрофитната новинарска група SourceMaterial и порталот POLITICO, во изминатата година најмалку пет танкери од руската флота што ги избегнува санкциите продолжиле непречено да пловат низ европските води, оставајќи зад себе траги од излеана нафта. Два од тие танкери биле под санкции од Обединетото Кралство уште пред да предизвикаат загадување.

Новите откритија, базирани на сателитски снимки од невладината организација SkyTruth и податоци за морски сообраќај од платформата Kpler, се надоврзуваат на истрагата на POLITICO од 2024 година, која документираше излевања на нафта од страна на руската „флота во сенка“.

Овие податоци ги истакнуваат тешкотиите со кои се соочуваат западните влади во обидот да го ограничат рускиот извоз на нафта и да го намалат ризикот од еколошка катастрофа во сопствените води.

Овие инциденти претставуваат „огромен проблем“, изјави латвискиот министер за енергетика Каспарс Мелнис. „Моментално имаме среќа што не се случува никаква еколошка катастрофа.“

Прелевање на санкциите

Групата на седум индустриски развиени земји (Г7) во 2022 година воведе ограничување на цената за глобалната продажба на руската нафта, која сочинува околу една четвртина од буџетот на Русија.

Оттогаш Москва сè почесто користи растечка флота на слабо осигурани и застарени танкери со нејасни структури на сопственост. Таа „флота во сенка“ сега брои околу 1.300 пловила, според податоците на анализаторите од Lloyd’s List Intelligence, и се поврзува со големи случаи на излевање нафта и оштетување на клучна подводна инфраструктура.

Европските влади санкционирале поединечни танкери, при што Брисел досега ставил на црна листа 444 пловила, со што им е забранет пристапот до пристаништа во ЕУ и користење на западни услуги. Надежта е дека овие мерки ќе ги натераат и земјите надвор од ЕУ каде што се регистрирани танкерите – таканаречените држави на знаме – да им забранат дејствување. Обединетото Кралство санкционирало 450 пловила.

Експертите предупредуваат дека поради нивната дотраеност овие танкери се многу подложни на несреќи и судири, додека нејасното сопствеништво ги прави недостижни за западните власти. Поради санкциите, тие често патуваат без соодветно осигурување.

„Колку се ефикасни или не постојните санкции – тоа е тешко да се каже“, изјави Мелнис.

„Опасен обид на Путин да ги зачува профитите“

Големо излевање на нафта предизвикано од ваков танкер би можело да чини и до 1,4 милијарди евра за чистење, според проценките на тинк-тенкот Центар за истражување на енергија и чист воздух. Сметката најверојатно би ја платиле европските даночни обврзници, доколку сторителот не биде идентификуван.

„Флотата во сенка претставува очајнички и опасен обид на Путин да ги зачува своите нафтени профити, истовремено загадувајќи ги морињата,“ изјави портпарол на британското Министерство за надворешни работи. „Тој користи бродови кои ги игнорираат најосновните безбедносни стандарди, зголемувајќи ја шансата за катастрофални излевања.“

Откако POLITICO минатата година откри дека танкери поврзани со Русија испуштаат нафта низ светските океани, Брисел го стави на црна листа едно од спорните пловила, порано наречено Innova. Новите откритија, сепак, ги покажуваат ограничувањата на ваквиот пристап.

На 15 ноември 2024 година, во шпанските води покрај Бискајскиот Залив, се појавила нафтена мрља долга 12 километри по поминувањето на Dinasty, танкер долг 280 метри кој пловел од Индија кон руската лука Приморск. Бродот веќе бил под санкции на Обединетото Кралство, а ЕУ го санкционирала дури по инцидентот.

Сопственикот и менаџерот на Dinasty во тој период – Libra Shipping и Moonlight Shipmanagement – не биле достапни за коментар. POLITICO не успеал да стапи во контакт ни со сегашниот менаџер и сопственик, Dreamer Shipmanagement и White Agate Marine. Поранешните и сегашните држави на знаме на бродот, Барбадос и Оман, како и шпанската крајбрежна стража, не одговориле на барањата за коментар.

„Што ни кажува ова за европските и американските санкции? Тоа докажува дека, без оглед на тоа дали бродовите се санкционирани или не, тие повторно ќе најдат начин и место да тргуваат,“ изјави Ричард Мид, уредник на Lloyd’s List Intelligence. Со оглед дека танкерите од сенковната флота сега сочинуваат една петтина од светската флота, тој додаде дека ова покажува како „сами ја поткопуваме безбедноста на морскиот сообраќај со ваквиот пристап кон санкциите.“

Надвор од сенките

Овие инциденти ги засилуваат повиците за поодлучна акција и промена на пристапот. Како дел од 19-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија, претставен во септември, Европската комисија предложи да се додадат уште 118 пловила на црната листа.

Но експертите и поборниците за построг став кон Русија бараат повеќе. Освен санкционирање на дополнителни бродови, ЕУ мора да го погоди „целиот синџир на вредност“ вклучен во транспортот на санкционираната нафта, рече финската министерка за енергетика Сари Мултала.

Во пракса тоа значи ставање на црна листа повеќе рафинерии што примаат нафта од руските танкери, санкционирање на даватели на услуги и регистри на знаме, појасни Исак Леви, раководител за Русија во хелсиншкиот тинк-тенк CREA. Тој додаде дека националните крајбрежни стражи треба да задржуваат пловила кои минуваат низ европски води ако претходно предизвикале излевање, немаат валидно осигурување или пловат под лажни знамиња.

Во некои случаи, националните власти презеле конкретни мерки, но без координиран пристап. Во април, Естонија задржала сомнителен танкер од руската сенковна флота, а неодамна француските воени сили извршиле претрес на слично пловило под сомнение дека се користи за заобиколување на санкциите на ЕУ.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека европските воени лидери и НАТО ќе развијат нови „заеднички акции во наредните недели“ за да „спречат сомнителни бродови“ во нивните води.

Портпарол на Европската комисија изјави дека земјите-членки на ЕУ се должни да „наметнат казни во случаи на нелегално испуштање на загадувачи од бродови“. Тој додаде дека Брисел ги таргетира и „помагачите“ на сенковната флота, како рафинерии и комерцијални регистри, и врши „дипломатски притисок“ врз релевантните држави на знаме. „Овој пристап активно ќе се применува,“ порача тој.

Но, според Леви, доказите за континуирано загадување покажуваат неуспех на оваа стратегија. „Шокантно е што овие танкери, иако имаат докази за излевање нафта и еколошка штета... не се задржани,“ изјави тој. „Тоа е како да излезете со автомобил од продавница по грабеж, а зад вас да не тргне ниту едно полициско возило.“

Тагови
реклама
njljddnjljnjdlj.jpg

Одземени компјутери и вршен распит во Општина Струмица за изборен криминал

Read more
Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Египет

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Египет

Read more
Пет минути пилатес за жените кои поминуваат многу време во седење

Пет минути пилатес за жените кои поминуваат многу време во седење

Read more
Како најлесно да се ослободите од првутот?

Како најлесно да се ослободите од првутот?

Read more

Свет

Русите имаат нов план за Газа: Се разликува од американскиот во една важна точка

Read more

Како Трамп избегнува новинарски прашања за поврзаноста со педофилот Епстин?

Read more

Што се случува со американските санкции врз Русија?

Read more

Русите составија ранг-листа на непријателски влади

Read more
 

Вести

Русите имаат нов план за Газа: Се разликува од американскиот во една важна точка

Читај повеќе

ВМРО-ДПМНЕ прави чистки во своите редови

Читај повеќе
  • play_arrow

Како Трамп избегнува новинарски прашања за поврзаноста со педофилот Епстин?

Читај повеќе

Во БиХ сè уште не можат да се договорат кој ќе ги води преговорите со ЕУ

Читај повеќе

Што се случува со американските санкции врз Русија?

Читај повеќе

Сончево време со температури до 19°C

Читај повеќе

Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции

Читај повеќе

Премиерата на Магбет ќе го отвори фестивалот Шекспир и ќе го одбележи 81. роденден на Битолскиот театар

Читај повеќе

Русите составија ранг-листа на непријателски влади

Читај повеќе