Британскиот јавен радиодифузен сервис BBC побара од судот во Флорида да издаде судски покани за членовите на семејството на Доналд Трамп. Овој потег е дел од правната одбрана во тужбата што Трамп ја поднесе против BBC барајќи 10 милијарди долари отштета за клевета, според судскиот поднесок објавен во петокот, објави CBS News.
Правниот тим на BBC побара од Окружниот суд во Јужниот округ на Флорида да одобри доставување судски покани за Доналд Трамп Џуниор, Иванка Трамп и Џаред Кушнер. Судските покани ќе ги принудат да сведочат и да предадат документи за настаните од 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на тогашниот претседател упаднаа во американскиот Капитол.
„Овие лица имаат лично знаење и веројатно поседуваат или контролираат документи што се релевантни за повеќе елементи од обвинувањата на тужителот против BBC“, изјави правниот тим на медиумот во судскиот поднесок.
Судот им даде рок на адвокатите на Трамп до петок да одговорат на барањето. CBS News во понеделникот контактирал со адвокатот на Трамп, Алехандро Брито, кој го застапува во случајот, но не одговорил.
Портпаролот на правниот тим на Трамп го обвини BBC за „обид да го вознемири него [претседателот Трамп], неговото семејство и поддржувачите со злоупотреба на процесот на собирање сведоштва“.
„BBC едноставно се обидува да го одвлече вниманието од својата јасна одговорност“, се вели во соопштението.
Трамп го тужеше BBC во декември за клевета и измамнички и нефер трговски практики. Тужбата се фокусира на начинот на кој документарецот Panorama од 2024 година го монтирал говорот што Трамп го одржал во Вашингтон кратко пред да го нападне Конгресот.