Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најновите американски напади го погодиле Иран „жестоко“ и биле извршени „во чест“ на тројца американски војници убиени во последните денови. Двајца војници беа убиени во Јордан и еден во Ирак. Централната команда на САД (Centcom) потврди дека започнала „нов бран“ напади, деветта ноќ по ред, додека експлозии се слушале низ целиот Иран, пишува BBC.
САД тврдат дека целите на нападите биле воени објекти и комуникациски мрежи, што има за цел дополнително да ја ослаби способноста на Техеран да напаѓа бродови во Ормутскиот Теснец. Иран соопшти дека одговорил со „изненаден напад“ во Сирија и дека ги таргетирал американските авиони на аеродромот Акаба во Јордан.
Во исто време, кувајтските вооружени сили објавија дека пресретнале ирански беспилотни летала. Полуофицијалната иранска новинска агенција Tasnim објави дека неколку градови биле погодени од американските напади, вклучувајќи ги Тебриз, Чабахар, Конарак, Бандар Махшахр и Бандар Имам Хомеини.
Иранските државни медиуми, исто така, објавија дека два танкери за нафта експлодирале додека се обидувале да поминат низ теснецот. Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека танкерите користеле, како што наведува, „небезбедна и опасна јужна рута“ и дека „експлодирале и биле запрени“. Централната команда на САД ги оспори тврдењата.
IRGC додаде дека теснецот „нема да биде безбеден за премин на петрохемиски производи, па дури ни за капка нафта и гас“ сè додека американските напади продолжуваат. Најави дека ќе одговори со „казнена операција“.
Во текот на викендот, САД ја потврдија смртта на еден војник во ирански напад во северен Ирак во саботата. Еден ден претходно, двајца американски војници беа убиени, а еден се води како исчезнат во напад врз база во Јордан. Американската војска соопшти дека се пронајдени „неидентификувани останки“ и дека идентификацијата е во тек.
Додека нападите продолжуваа, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека „САД секогаш остануваат отворени за дипломатско решение“. Тој исто така рече дека „светот мора да одлучи дали да дозволи меѓународен воден пат да биде контролиран“ од Иран и истакна дека Техеран го користи клучниот бродски пат како средство за притисок.
Коментарите на Рубио доаѓаат откако прелиминарниот договор за прекин на огнот постигнат во средината на јуни пропадна. Разговорите за траен мир се заглавени откако претседателот Трамп го прогласи договорот за „завршен“ на 8 јули.