Земјотрес со јачина од 5 степени го погоди регионот Гранада во јужна Шпанија рано утрово, со епицентар во Алхендин, соопштија шпанските власти.
Нема веднаш извештаи за повредени, но има материјална штета.
„Ноќ на вознемиреност во Гранада по земјотрес со јачина од 5 степени што предизвика материјална штета, а потресите се почувствуваа и во неколку други провинции“, изјави андалузискиот премиер Хуанма Морено преку X.
„Да останеме мирни и да бидеме многу внимателни околу оштетените покриви и фасади кои сè уште би можеле да се урнат и ве молиме да ги следите сите препораки“, им рече тој на жителите. Службата за итни случаи 112 доби повеќе од 200 повици од граѓани.
Шпанскиот Национален географски институт (IGN) првично ја процени јачината на земјотресот на 4,8, но подоцна ја зголеми на 5. Земјотресот се случи на длабочина од два километри.
Лизнаци, паѓање делови од фасади и покриви и друга материјална штета се регистрирани на неколку локации во Гранада. Во Лас Габијас, една зграда беше евакуирана како мерка на претпазливост поради сомневање за штета.
Градот Уетор Вега остана без електрична енергија. Градските власти на Гранада соопштија дека нема сериозни или широко распространети штети, но се проверуваат поединечните штети.